Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод заклетвата на 28. класа питомци/студенти на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, што се одржа во касарната Гоце Делчев – Скопје.
Во обраќањето пред питомците, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека нашата армија е составена од професионални, мотивирани и кредибилни старешини и војници кои во изминативе пет години како дел од НАТО, но и како дел од Партнерството за мир и бројните мисии, покажаа и се уште покажуваат и докажуваат дека можат да стојат рамо до рамо со колегите од најсилните армии и да постигнуваат највисоки резултати, одлично вршејќи ги своите задачи.
„Осовременувањето на армијата наметнува дополнителни вложувања во борбените средства, опремата, комуникациски системи. Сепак, за мене, најсилната страна на нашата армија е човечки капитал. Во тоа се уверивме не само за време на мисиите во странство, туку и во постојаните активности и учество при справување со кризите и непогодите и конкретната помош и поддршка на граѓаните. Со право сум и сме горди на припадниците на армијата и мора да се грижиме за офицерскиот подмладок“, истакна во обраќањето претседателката.
Порачувајќи дека питомците се иднината и драгоцениот потенцијал на македонската армија, претседателката истакна дека Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ претставува почитувана институција, призната во регионални рамки, но и пошироко и дека сме должни и понатаму да работиме на нејзиниот развој и напредок.
„Доказ за капацитетот и квалитетот на Воената академија се и студиите за управување со кризи и заштита и спасување. Среќна сум што, покрај на питомците, денес имам можност да им се обратам и на бруцошите – студенти на прв циклус студии за управување со кризи и заштита и спасување. Станува збор за неопходен кадар и за клучен човечки ресурс во зајакнувањето на институциите, надлежни за справување со кризи и заштита и спасување“, порача претседателката во своето обраќање.
Осврнувајќи се на драматичните климатски промени кои предизвикуваат страшни елементарни непогоди, таа истакна дека за соочување и справување со природните и другите закани, мора да изградиме силен систем на заштита и спасување во кој клучната улога ја имаат квалификуваните и посветени човечки ресурси.
Во своето обраќање, претседателката укажа и на нарушувањето на светскиот мир од руската инвазија врз Украина и неконтролираната ескалација на воениот конфликт на Блискиот Исток, потенцирајќи ја улогата на безбедносниот чадор, но и потребата од инвестирање и развивање на сопствената армија.
„Убедена сум дека нема конфликт за кој не може да се постигне мирно решение, што поскоро, тоа, подобро. Верувам дека ние, поучени од крвавата историја, ја научивме мировната филозофија и дека нема да дозволиме воени судири на нашето тло. Посакувам припадниците на армијата, вие, да бидете ангажирани во мировни, а не во воени операции и активности во некое идно време. Но, се плашам дека грдата воена реалност повикува на будност и подготвеност“, порача претседателката Сиљановска Давкова.
На настанот се обратиja и министерот за одбрана, Владо Мисајловски и деканот на Воената академија, полковник Митко Богданоски, а присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор, Сашко Лафчиски, генерали, претставници на воено дипломатскиот кор, претставници од Министерството за одбрана и Армијата, како и роднини и пријатели на 28. класа питомци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.