Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова предвидено е денеска да има свое обраќање на Самитот за мир во Украина, што се одржува во Бургеншток, на езерото Луцерн во Швајцарија, соопштија од нејзиниот Кабинет.

На покана на претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија Сиљановска Давкова, учествува на Самитот за мир во Украина.

Целта на собирот, на кој учествува Сиљановска Давкова на покана од претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, е да воспостави форум за дијалог на високо ниво за начините за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир за Украина во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН, да промовира заедничко разбирање за можна рамка за постигнување на оваа цел и да дефинира патоказ за тоа како да се вклучат двете страни во иден мировен процес.

Претседателката Сиљановска Давкова, вчера во рамки на учеството на Самитот остварила средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.

Кабинетот на Сиљановска-Давкова информира дека на средбата биле разменети мислења за билатералните односи, за состојбите во регионот, европските интеграции и за глобалните безбедносни предизвици, како и соработката на двете држави како сојузнички во НАТО.

Соговорниците изразија задоволство од одличната соработка воспоставена на традиционално пријателство и констатираа дека двете држави споделуваат врска создадена во текот на три децении соработка, меѓусебна почит, доверба и разбирање. Беше посочено дека оваа година славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, што е доказ за трајно партнерство и заедничките вредности, се наведува во соопштението.

Претседателката ја поздравила „недвосмислената поддршка од Полска на долгиот македонски пат кон ЕУ“ и ја нагласила „важноста од континуираната и отворена поддршка на Полска на македонскиот евроинтеграциски пат“.

Упати благодарност за досегашната поддршка, посочувајќи дека полските искуства ќе ни бидат од голема корист за пристапниот процес кон ЕУ. Таа нагласи дека недвосмислено сме посветени на агендата за интеграција во ЕУ и во тој контекст изрази очекување за силна поддршка од меѓународните партнери и институциите на ЕУ за да се осигуриме дека процесот на нашето членство ќе продолжи непречено. Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека е клучно европската перспектива на земјите кандидати да не биде попречувана од вето поради ирационални билатерални прашања, туку процесот треба да се води исклучиво низ призмата на исполнување на копенхагенските критериуми, информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

На конференцијата, што се одржува на иницијатива на Украина, учествуваат високи претставници на околу сто земји и на меѓународни организации.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.