Во гостувањето на „Само интервју“, Сиљановска Давкова напомена дека преговарачката рамка е правен факт, но може, оцени, на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што со Преспанскиот договор е веќе забрането – историја, култура, наследство.

„Не можам да тврдам дали ќе ги убедам, но јас имам обврска како претседателка да ги бранам државните и национални интереси и да се обидам да ги убедам. Јас имам проблем со оние кои не се обиделе ништо да предочат од ова што го зборувам и сега повторно веруваат дека уште ова, уште да го смениме Уставот и проблемот ќе го решат“, изјави Сиљановска Давкова.

Прашана кога ќе се создадат услови да се репреговараат условите за членство во ЕУ, Сиљановска Давкова, рече дека преговарачката рамка е точно правен факт, но дека и во ЕУ се развила широка дебата за деблокирањето на проширувањето, и се појавиле „нон-пејпер“ и студии како да се ограничи употребата на ветото заради ова што се случува.

„ Ако некој мисли дека во моментот кога ние ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата на Уставот, готово ќе тргне процесот, тогаш мислам дека е тоа повторно една илузија. Ако ние сме поминале низ една тешка одисеја на промена на име, на неуспешен референдум, на пратеници кои на многу чуден начин гласаа. Сето тоа треба да се има предвид за да се убеди… Значи сите страни треба да бидат на потег. Значи може одложено дејство, може толкување, да почнеме ние преговори да не става Бугарија вето за да изградиме пријателски односи, ние ќе брзаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми, Бугарија ќе покажува добра волја, нема да не кочи и така ќе се сретнеме побрзо. Ем, ќе стапат во сила измените, ем ние ќе бидеме пријатели“, изјави Сиљановска Давкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.