Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Микалис Рокас.
Во поздравното обраќање на церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката порача дека и по повеќе од три децении од нашето осамостојување, стремежот за полноправно членство во Европската Унија продолжува да биде важен општествен двигател и значаен фактор на кохезија за огромното мнозинство македонски граѓани.
„Приклучувањето кон Европската Унија претставува наша цврста стратешка определба и генерациска цел за чие остварување макотрпно работеле и продолжуваат да работат десетици наши државни лидери, политички претставници, членови на граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и уште многу повеќе наши дипломати и државни службеници“, истакна во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова, додавајќи дека како земја на пријателство и соживот, нашата држава ги почитува различностите и ги вреднува соседите и преку своето делување, активно ги промовира европските вредности во регионот и пошироко.
Таа изрази уверување дека со поддршка од ЕУ, земјава може да напредува и во оваа последна фаза на нашиот пат кон целосна европска интеграција, со забрзано темпо и без никакви пречки.
„Низ годините, донесовме храбри и многу тешки одлуки во интерес на иднината на нашите граѓани и на државата. Направивме многу за да се доближиме до потребните европски стандарди, да преземеме значаен дел од законодавството на ЕУ и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети. Притоа, останавме докажан партнер од доверба за Унијата, како од аспект на реформите, така и преку нашиот придонес во справувањето со многуте заеднички предизвици“, истакна претседателката во поздравното обраќање.
Потенцирајќи дека Европската Унија е нашиот најзначаен економски и трговски партнер, што говори за исклучително блиската структурна поврзаност на нашата економија со единствениот пазар на Унијата и економиите на земјите – членки, претседателката истакна дека фондовите и макрофинансиската поддршка на ЕУ беа и остануваат важен поттик за развој, трансформација и реформи.
„Би сакала да го истакнам и своето длабоко убедување дека, во духот на заложбите за забрзана и фазна интеграција, ќе успееме да го искористиме целокупниот потенцијал на Планот за раст за Западен Балкан и останатите европски програми и механизми за продлабочување и унапредување на нашето партнерство “, порача претседателката Сиљановска Давкова потенцирајќи дека нашата земја во ЕУ гледа клучен поддржувач, партнер и пријател во справувањето со многуте предизвици на денешницата.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Микалис Рокас при предавање на акредитивните писма ја цитираше изјавата на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен: „проширувањето е инвестиција во нашата колективна сила и безбедност. Сакаме силна, конкурентна и безбедна Европа, а тоа го вклучува и Западен Балкан, како и Украина и Молдaвија во нашата Европска Унија“, потенцирајќи дека ова е доказ дека проширувањето повторно ќе стане главен приоритет и дека треба да се забрза за време на нејзиниот мандат.
Амбасадорот Рокас посочи и на неодамнешната одлука на Советот и на Европскиот Парламент да го финансира Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
„Тоа покажува дека ЕУ вложува средства сразмерно на нивото на нашите амбиции. Подготвени сме да ја придружуваме Вашата земја, новата Влада, институциите и граѓанското општество на патот кон натамошна европска интеграција. Би сакал да Ве уверам дека моја цел е да и помогнам на Македонија да оди напред и да направи видливи чекори на патот кон оваа заедничка определба за членство во Унијата“, истакна амбасадорот Рокас.
„Преговорите и реформите се надеваме дека наскоро би можеле да станат процеси кои меѓусебно ќе се зајакнуваат. И двата процеси се предизвикувачки за Вашата Влада и за јавната администрација. Остануваме подготвени да ја обезбедиме сета неопходна помош за зајакнување на институциите преку нашиот претпристапен инструмент, ИПА. Подготвени сме за отворен дијалог, да слушаме, да советуваме и заедно да изнаоѓаме решенија. Очекувам да соработувам со Вас, Ваша Екселенцијо, со Парламентот, со Владата и со сите други чинители на граѓанското општество“, порача при предавање на акредитивите амбасадорот Рокас.
Toj истакна дека ќе ги застапува вредностите на Европската Унија, почитувањето на човековите права и владеењето на правото, посочувајќи ја солидарноста што ја демонстрирала ЕУ при помошта во борбата со шумските пожари во земјава и на Балканот, како и заложбите за мир што Унијата ги демонстрира преку континуирана и силна поддршка на Украина и на принципите на меѓународното право.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.