Германскиот Бундестаг утре треба да расправа и да гласа за резолуција за поддршка на зачленувањето на Македонија во ЕУ, на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Таа е насловена како „Активно поддржете ја Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“ и е предложена од владејачката парламентарна група на СПД, Зелените и ФДП.

Во германскиот Парламент ќе се дебатира и за други документи во чиј фокус е евроинтергацијата и ситуацијата на Западен Балкан.

Според најавите, германски пратеници ќе побараат од федералната Влада да постигне на ниво на ЕУ согласност дека изгледите за пристапување во ЕУ за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

Покрај тоа, ќе биде предложено со земјите кандидати да се договорат меѓучекори за поблиски врски со ЕУ на патот кон ЕУ, како што е асоцијативното членство во заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика без право на глас и начин за пристапување кон внатрешен пазар на ЕУ во замена за реформи и спроведување на критериумите од Копенхаген, како и напредок во владеењето на правото.

Власта, пред се премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, со денови помпезно ја најавува резолуцијата како некое чудо кое во основа е во функција на одоброволување на опозицијата за гласање на уставните измени и вметнување на Бугарите во него,анализира новинарот Предраг Димитровски за „Пресинг ТВ“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вчера во изјава за мкд.мк го поздрави овој потег, но истовремено потсети дека и во 2004 година германскиот Бундестаг донесе резолуција со која се бараше користење на уставното име на Република Македонија во билатералната комуникација со Германија.

-Резолуцијата беше многу добра и со истата се бараше почитување на уставното име како еден од националните симболи на секоја суверена држава. Но, резолуцијата не беше обврзувачка за владата на официјален Берлин и нејзината примена никогаш не се случи, рече Милошоски.

Но, наспроти сите оптимистички најави од страна на власта, резолуцијата на германскиот Бундестаг во суштина ќе биде само обична патерица на која не ќе можеме со сигурност да се потпреме.

Зашто, таа не менува ништо. Тоа што е како гаранција потребно е некаква декларација или резолуција на Советот на ЕУ. И сите тврдења на власта дека тоа е невозможно паѓаат во вода со конкретниот пример во односите меѓу Србија и Косово.

Тука има уште една друга, скриена димензија во која се кријат двојните стандарди и аршини на Германија. Ѓаволот, нели, се крие во деталите.

Веројатно во јавноста е малку познато дека во подготвувањето на бугарскиот проект „Бугарската политика спрема Република Македонија“ од 2007/2008 година, што денес во целост се спроведува од страна на официјална Софија во односите со нашата држава, биле вложени и европски, односно германски пари!

Непосреден учесник во подготовката на негаторската бугарска политика кон Македонија била невладината Фондација Манфред Вернер, а како конкретни имиња се споменуваат д-р  Живко Георгиев, директор за стратешки истражувања, и Надежда Стојанова, програмски директор на истоимената фондација.

Кон ова мора да се додаде и фактот дека и ГЕРБ на Бојко Борисов или „Тиквата“, како што го именува „Политико“, е чисто германски производ и континуитет на политичката улога на Симеон Саксобурготски. А, позната е неговата првична максима „Секогаш со Германија, никогаш против Русија“, што сега ја модифицира во „Секогаш со Европа, никогаш против Русија“.

Извор Пресинг ТВ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.