Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, според најавата од Министерството за надворешни работи, денеска ќе одржи средба.

МНР вчера соопшти за средбата споделувајќи информација дека Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја – Скопје, е назначен за нов член на Комисијата.

-Љоровски е именуван за нов член на Комисија согласно со неговата експертиза и препораките на Комисијата за соодветни покривање области од нивната работа, информираше МНР.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓорѓиев по објавата на препораките, на прес-конференција говорејќи во однос на учебниците,  појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн.

– Во таа смисла Комисијата работи на надминување на тие места во учебниците, што верувам е една задача која ја има и секоја комисија која работи на вакви историски прашања во однос на учебниците по историја, рече  Ѓоргиев.

Како што оцени, периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата.

– Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија, рече Ѓоргиев на новинарско прашање



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.