Посетата на Скопје на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле доаѓа во еден клучен момент за регионот и за Европа. Ова е вчерашната оценка по заедничката средба на премиерот Димитар Ковачевски со Шоле. Премиерот смета дека нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. И покрај тоа што Шоле и Ковачевски разговарале за борбата против корупцијата, „црната листа“ на САД за санкции не била спомената на средбата во Владата.
На состанокот била нагласена големата поддршка од САД во натамошниот напредок на Македонија и било оценето дека традиционалното, искрено и долгогодишно пријателство со САД има големо значење во развојот на демократските, реформските и интеграциските процеси на земјава.
Било констатирано и дека стратешкото партнерство на Македонија со САД е силна поддршка на сите важни процеси за демократската иднина на државата и за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните.
На средбата, Ковачевски и Шоле разговарале за напредокот што е направен во изминатите години во однос на борбата со корупцијата и за предизвиците на државата да ја оствари целта за врвно владеење на правото на ниво на ЕУ како аспирант за членство во Унијата во 2030 година.
Со Шоле разговарале и за европскиот пат на државата, за големото значење на политичката стабилност во земјава и за спроведувањето на сите реформи, носењето на одлуки што значат интегрирање на државата во ЕУ и за уставните измени. Според премиерот САД од самиот почеток на нашата независност, секогаш не поддржувале при носењето на сите вакви одлуки – и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, зачленувањето во НАТО и со непреченото одвивање на преговорите со ЕУ.
Меѓу клучните теми на кои разговарале со советникот на Стејт депртаментот е и справувањето со економската и енергетската криза во текот на носењето на сите мерки, меѓутоа и во текот на обезбедувањето на се што е потребно за непречено снабдување со електрична енергија со субвенционирани цели.
Листата за санкции или т.н. „црна листа“ не била тема на средбата. Премиерот вчера при посетата на компанијата „Пекабеско“ појасни дека тоа е активност што ја спроведуваат САД во рамки на нивната Стратегија за борба против корупцијата објавена од страна на американскиот претседател, во која се точно наведени активностите што се преземаат во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата како во САД така и во држави што се нивни партнери, како што е и Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.