Речиси шест од десет млади, доколку имаат можност, би се иселеиле од државата, а околу 29 проценти не би се иселиле. Речиси осум од 10 млади луѓе, пак, мислат дека не можат да влијаат на начинот на кој работи Владата, односно немаат надеж за промена, покажува истражувањето на Фондацијата за демократија „Вестминстер“.

Како што изјави Рита Бехадини, претседателка на Центарот за еднакви можности „Буба мара“, презентирајќи го извештајот пред почетокот на настанот „Социополитичко учество на младите”, ако одлучат да си заминат, само осум проценти од младите изјавиле дека сигурно би се вратиле во земјава.

-Ова значи дека веќе не се работи за повисока плата и за повеќе пари, туку за подобар животен стандард. За жал, речиси осум од 10 млади луѓе мислат дека не можат да влијаат на начинот на кој работи Владата, а тоа значи дека немаат надеж за промена. Ако навистина сакаме промена, мора да најдеме механизми како младите да се сфатат сериозно и да станат дел од одлучувањето. Посебно треба да се најде начин како да се мотивираат девојките, за да бидат дел од промената, истакна Бехадини.

Според неа, младите мислат дека ако станат дел од една партија, веќе не можат да најдат работа надвор од партијата и тоа не е стереотип.

-Ако вистински сакаме промена, мора младите да учествуваат во политиката и да бидат дел од политичките партии, зашто само тие знааат за што имаат потреба, рече Бехадини.

На панел дискусија во рамки на настанот, се очекува обраќање на премиерот Димитар Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.