Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг ,кој заедно со своите колеги од Чешка и Словачка е во Македонија, истакна дека нашата држава е најсигурниот партнер за Австрија надвор од ЕУ.

Австрија, Чешка и Словачка, како што додаде Шаленберг, се најверните поддржувачи на Македонија надвор од ЕУ.

Нашата порака е едноставна и силна – нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да продолжите со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите, значи да се одложи пристапувањето на Македонија, изјави денеска министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг кој заедно со министерот за надворешни работи на Чешка и министерот за надворешни работи на Словачка, престојуваат во посета на земјава.

Шаленберг истакна дека „би било штета Скопје откога истрча еден тежок маратон, да се сопне на последната пречка“.

-Изминавме долг пат заедно и надминавме многу тешкотии. Задача е на сите граѓани на оваа држава да не бидат попусто овие напори. Ако не ги прифатите уставните измени и не продолжи европскиот пат, Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана. 18 години чекавте да дојдете до овој момент и сега ви останува да го искорстите моментот и политички да се биде одговорен, да се имаат пред се националните, а не партиските интереси, кажа министерот на прес-конференција.

Шаленберг уверува дека „не се мешаат во внатрешните работи на земјата“.

-Решението може да дојде само од вас и нема да биде од Брисел, Виена или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде ниту од Софија, кажа Шаленберг.

Тројцата шефови на дипломатии се ополномоштени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел за да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ по однос на прашањата поврзани со нашето европристапно досие.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, одговори дека рокот за завршување на процесот со уставните измени зависи од скрининг-процесот, кој, како што рече, треба да заврши во ноември.

На прашањето дали очекува ново вето или блокада од Бугарија, Османи рече дека нема други предуслови, освен веќе постојните патокази и акциски план.

Османи истакна дека во моментот во државата во врска со прашањето на уставните измени и европскиот пат постои голема пропаганда, а македонската опозиција ја користи фрустрацијата на граѓаните и сакаат да ја претворат во политички поени свртувајќи ја ситуацијата во своја корист.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.