За учебниците по новата Концепција има законски постапки, треба да заврши постапката за економски оператор и учениците од прво, второ, четврто и петто одделение да ги добијат учебниците. Дотогаш ќе учат од соодветните материјали што ги подготви Бирото за развој на образованието, рече министерот Јетон Шаќири одговарајќи на новинарско прашање зошто не биле навремени административните процедури во набавката на учебниците.
Нагласи дека сите постапки се запазени од јануари кога ја презел функцијата и дека се спроведени најбрзи рокови, а по ребалансот на Буџетот се обезбедени и средствата за печатење на учебниците за овие одделенија.
Оваа година се спроведени најбрзи рокови за учениците да ги добијат учебниците за шесто, седмо, осмо и деветто одделение. За прво, второ, четврто и петто одделение знае целата јавност за барањето да се вратат печатените учебници. Националниот совет за учебници е формиран во февруари и имаа повик за анонимни автори за учебниците. Некои од учебниците се веќе одобрени од Советот и тука за нив е завршена постапката. Потоа имаме постапка за економскиот оператор која сѐ уште не е завршена. За децата да немаат пропусти во образовниот процес, од БРО побаравме материјали кои се подготвени навремено. Тие се за периодот од тримесечјето, но истовремено ќе пристигнуваат учебниците, воедно ќе го продолжиме и концептот на дигитализација, изјави Шаќири по посетата на ОУ „Васил Главинов“ во општина Чаир.
За доцнењето на свидетелствата повтори дека постапката за нив се спроведува во Бирото за развој на образованието, а не во МОН и дека е побарана одговорност.
Според неговите информации, тие се веќе доставени во училиштата, но наредниот јуни, јули и август, рече, свидетелствата не смеат да доцнат и треба да бидат доставени навреме.
Во однос на плановите за заштеда на енергија во училиштата, особено во грејната сезона, и најавената работна група со членови од образование, економија, финансии и други институции од секторот енергетика, Шаќири нагласи дека МОН очекува соработка со општините и добро менаџирање на блок-дотациите што тие ги добиваат.
Ние располагаме со податоци за општините – колку од блок-дотациите за општините се користат за плати. Имавме состаноци со директорите на основните училишта, треба што подобро да се менаџира делот од средствата што ги имаат во блок-дотациите за да немаме последици од енергетската криза. Понатаму со сите други институции работиме на план за училиштата да немаат последици од рестрикциите. Училиштата треба најмалку да имаат рестрикции. Сите сме радосни што се вративме после КОВИД-от, сите знаеме кои се придобивките од физичкото присуство. Јас барам поддршка од општините да ги менаџираме добро блок-дотациите, па да бараме и од други институции помош кога ќе имаат потреба, истакна Шаќири.
На прашањето како Општина Чаир ќе се справува со енергетската криза, градоначалникот Висар Ганиу одговори дека училиштата ќе имаат приоритет, но од нивните раководства ќе бара да бидат, како што рече, максимално коректни во користењето на струјата.
Ние плаќаме индустриска струја и сметките ни се многу високи, но ако мора ќе правиме ребаланс и ќе се откажеме од други капитални инвестиции за да му дадеме приоритет на образованието. Од раководствата на училиштата ќе бараме да бидат максимално коректни во користењето на струјата, а онаму каде што е неопходно за воспитно-образовниот процес таму нема да има рестрикции и ќе гледаме да ги исполниме сите услови за нашите ученици, рече градоначалникот на Чаир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.