Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува доставата на учебници за шесто одделение да заврши наскоро и дека во некои градови таа е веќе завршена.

Во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик Шаќири вели дека учебници за шесто, кои годинава се печатат нови согласно новите наставни програми, се доставуваат секојдневно и дека побарал од економскиот оператор што ги печати да се забрза процесот.

Посочи дека постапките зависат и од Националната комисија за учебници, а дека постапките што зависат од МОН, како што рече, се завршуваат за еден или два дена.

-Еден милион и 400 000 учебници се доставени во основното образование. Ова е многу значаен факт затоа што проблемот со учебници не е од последната година туку од последните 15 години. Но, ме радува фактот што на крајот на септември и почетокот на октомври, како и во текот на овие денови, имаме достава на учебници. Ова не беше само процес на печатење на учебниците, туку и на одобрување на учебниците за шесто одделение. Различно од претходната година и од претходните 15 години, ние сите постапки на одобрените учебници ги имаме завршено на 1 септември, изјави Шаќири од Вашингтон каде што е во неколкудневна работна посета.

Соопшти дека на средби што ги имал со претставници од високото образование се разгледува можноста за соработка со американски универзитети за гостување на визитинг-професори од САД на нашите факултети. Рече и дека од оваа академска година ќе имаме повеќе студенти со Фулбрајт стипендија.

Спомна и дека со САД реализираме неколку важни проекти, меѓу коие заедничкиот проект за медиумска писменост кој е дел од наставните програми во основното образование.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.