Околу 700 илјади Македонци, или околу една четвртина од населението денес живее надвор од државата. Миграцијата од Македонија во последната деценија се зголемила за пет пати во ЕУ и околу четвртина од работоспособното население заминува од земјата, што влијае врз продуктивноста на самата земја, истакна Анита Рихтер, раководител на одделот за Југоисточна Европа на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД на денешната презентација на Извештајот на ОЕЦД „Трудова миграција во Западен Балкан, мапирање на шемите, адресирање на предизвиците и користење на придобивките“.

Рихтер посочи дека големата дијаспора може да донесе значителни ресурси за својата земја на потекло. Посочи и дека потенцијалот на дијаспората на Македонија е доста голем и оти околу три проценти од дознаките одат во земјата, но тоа е под просекот во Западен Балкан, каде што е околу 10 проценти.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, смета дека младите не треба да се задржуваат, туку треба да им се создадат можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот.

– Речиси секогаш кога зборуваме за миграција ја слушаме и кажуваме реченицата „да ги задржиме младите дома“. Верувам дека секој во оваа просторија кој е родител или некогаш бил млад знае дека да ги задржиш каде било не е никогаш опција – истакна Битиќи.

Според него, тоа што мораме да го направиме како земја е да не ги избегнуваме нашите проблеми, туку да се фокусираме на нив и да зборуваме отворено и најважно во дијалогот да ги вклучиме и младите. Тоа е она што го бараат младите од нас.

Амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Вероника Улман, се осврна на пораката на вицепремиерот Битиќи за тоа како да се вратат младите во сопствената земја.

– Студијата прво обезбедува одредени препораки, на пример, идентификација на паметната трансформација на образовниот систем кој ќе обезбеди повеќе можности на македонската работна сила и со тоа ќе го зголеми националниот стандард на живеење. Преку оваа програма Швајцарија веќе зема учество во овие напори – истакна Улман.

Таа изрази поддршка кон Владата за да го усогласи својот стручен образовен систем со пазарот на труд, да воспостави соработка помеѓу образовните институции и иновативниот екосистем и придонес во развојот на мали и средни претпријатија, и стартап бизниси.

– Исто така, голема дијаспора со потекло од Македонија живее во Швајцарија. Поради тоа сме директно заинтересирани да ги идентификуваме заедно со вас точките преку кои ќе можеме да ја поттикнеме оваа дијаспора и протокот на знаење и експертиза. Се надевам дека денешната дискусија ќе донесе конкретни решенија и ќе поттикне нови активности во оваа насока – додаде амбасадорката на Швајцарија.

Амбасадорот на Австрија во Скопје, Георг Вуцас, рече дека Австрија е поддржувач на Македонија и западнобалканската шесторка да се приклучи кон Европската Унија и оти Австрија би сакала овие преговори да завршат без одложување за земјава да се приклучи што поскоро кон ЕУ.

– Австрија и ЕУ сакаат да видат развиен Западен Балкан кој се приклучува, не испразнето општество особено од нивната младина и висококвалификувана работна сила. Австрија не е главната дестинација на миграцијата од Македонија, но и покрај тоа има прилично голема миграција од оваа земја кон Австрија – истакна Вуцас и додаде дека Австрија нуди неколку програми и иницијативи коишто се насочени кон одвраќање на овој тренд на празнење на интелектуалната сила од државава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.