Три иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права се на дневен ред на 10. седница на Уставниот суд, закажана за денеска со почеток од 9:30 часот.

Во продолжение дневниот ред:

1. Реферат У.бр.100/2022

Оспорени одредби: Член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација.

Подносител на иницијативата: Славко Лазоски

Содржина на оспорени одредби:

Член 35

(1) По барање на поранешниот сопственик ќе се поништи правосилното решение за експропријација во целост или делумно, ако во рок од десет години не е реализирана целта заради која е извршена експропријација за градење објекти, односно изведување на работи од значење за Република Македонија, односно шест години за градење на објекти или изведување на работи од локално значење.

(2) Барањето за поништување на решението за експропријација може да се поднесе по истекот на роковите од ставот 1 на овој член, но најдоцна до 15 години од денот на правосилноста на решението за експропријација.

Од наводите во иницијативата:

Противуставноста на оспорените законски содржини подносителот ја објаснува со наводи дека во ситуација кога актот за планирање на просторот со кој е воспоставен јавниот интерес престанал да важи, а престанала и оправданоста за одземањето и ограничувањето на сопственоста и на правата коишто произлегуваат од неа. Согласно овие наводи тој смета дека и решението за експропријација е ставено вон сила, па во тој случај не треба да постојат рокови во кои може да се бара поништување на правосилното решение за експропријација, ниту решението треба да се поништува по барање на оштетениот и обесправениот поранешен сопственик на недвижноста, туку по службена должност.

2. Реферат У.бр.129/2022

Оспорен: Оспорен: Точка 37 од став 1 на член 132 од Законот за безбедност на храна.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Оспорената одредба предвидува глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако не ги отстрани констатираните неправилности утврдени со решението, наведува подносителот. Се наведува дека не е пропишана состојбата на утврдени неправилности и поради тоа оваа одредба може да доведе до неконзистентно толкување при нејзина примена.

3.Реферат У.бр.21/2023

Оспорен: Член 22-б и член 27-б од Закон за превоз во патниот сообраќај

Подносител на иницијативата: Сашко Стојиловски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото опфатени во членовите 8 и 55 од Уставот, како и дека се во спротивност со членот 5 од Законот за јавни набавки кој го опфаќа начелото на конкуренција помеѓу економските оператори.

Подносителот на иницијативата наведува дека исходот од направените законски измени на Законот за превоз во патниот сообраќај е секогаш само еден оператор да ги исплнува условите и да учествува во постапките за јавни набавки, односно сите други кои учествуваат во постапките за јавни набавки понудите им се одбиени бидејќи не го исполнуваат условот да ја поседуваат дозволата која ја наметнува законот иако нудат и подобри услови за учениците, а пред се цени далеку по конкурентни.

1.Реферат У.бр.18/2023

Оспорено: Известување од Националниот совет за медијација од 25.11.2022

Подносителка на барањето: Сандра Рилкова

Од наводите во барањето:

Подносителката наведува дека повредата е сторена од Националниот совет за медијација со дејствие на непостапување по нејзино барање за издавање на лиценца за медијатор. Во барањето се наведува дека на подносителката како примател на социјална помош и фактот што не била член на владејачката политичка партија и е сторена повреда на правото на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална и политичка припадност, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.