На денешната седница на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со која претседаваше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се разгледуваше предлог текстот на новите национални стратегии за ИКТ и за кибер безбедност.

Вицепремиерката Грковска истакна дека Владата го усвои Патоказот за дигитална трансформација, кој се однесува на целите кои треба да ги исполниме како држава  на краток, среден и долг рок, а кој се заснова на Концептот за дигитална трансформација од кој понатаму треба да произлегуваат сите стратегии, закони и документи поврзани со овој процес.

Стратешките цели содржани во предложената Национална стратегија за кибер безбедност до 2027 година се поделени на пет столбови: јасна и робусна структура за управување со кибер безбедноста, безбедност и отпорност на суштински и важни субјекти, мрежи и информациски и комуникациски системи, општество отпорно на закони, минимизирање на влијанието на инцидентите во кибер просторот и национална и меѓународна соработка.

Во однос на  предлог – Националната ИКТ стратегија до 2030 година, таа има за цел да постави основа за дигитализација на општеството која директно ќе влијае врз квалитетот на животот на граѓаните, а државата да се позиционира како најдобра во Западен Балкан според Индексот за дигитална економија и општество (DESI).

Предлог стратегиите ги презентираа претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, кои учествуваа во нивната изработка, а членовите на Националниот совет за дигитална трансформација дадоа свои сугестии и предлози. Членовите дополнително ќе ги достават и своите писмени забелешки, кои ќе бидат земени предвид при финализација на стратегиите, а со цел да се подобри текстот, имајќи предвид дека станува збор за сериозни стратешки документи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.