Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во име на Владата и во свое име го честита 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

„ Се поклонуваме на борците кои ги положија животите за пораз на фашизмот, од чиишто рушевини е изнедрена македонската државност.

 

Оддаваме почит и на сите кои придонесоа за големата европска идеја и изградбата на Европската Унија.

Нашата држава секогаш преку дела е на вистинската страна на историјата. Беше на бојните полиња во Втората светска војна, меѓу прогресивните антифашистички сили. Е и денес, рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот.

На патот на напредокот сме – наш аманет од партизаните, нашиот македонски јазик е рамноправно признаен меѓу европските јазици и како успешен модел на мултиетничка држава, дом на сите граѓани, како што е Европа, местото на Македонија е во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски.

Владата организира свечено одбележување на 9 Мај, како значаен датум за Република Македонија и за Европската Унија.

Делегација на Владата на Република Македонија, во чијшто состав се заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование, Јетон Шаќири, положи цвеќе и оддаде почит пред спомениците на партизанските гробишта во Бутел.

На настанот, организиран со високи државни почести, во чест на загинатите борци во НОБ, положија цвеќе и оддадоа почит и делегација на Сојуз на борците од НОАВМ, делегација на Собранието на Република Македонија, претставник на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, делегација на Армијата и Министерството за одбрана на Република Македонија, како и делегација на Град Скопје, делегација на дипломатскиот кор, и претставници на политички партии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.