Се е подготвено за традиционалната Струшка Литија (Еордија), што утре, 7 мај ќе се одржи во Струга во чест на Свети Георгиј Победоносец. Моштите на светецот на раскошно украсен епитаф, придружувани со неговата чудотворна икона, како и Крнинската и иконата на Богородица, локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества ќе поминат низ струшките улици.
Новина годинава, како што соопшти организацискиот одбор, во непосредна близина на храмот „Свети Георгиј Победоносец“, од каде што ќе тргне поворката со светиите, ќе има наменски штандови, од каде посетителите ќе можат да купат храна, пијалоци и сувенири.
И оваа година, според сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица, на Литијата ќе и претходи церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
– На чело на Еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – моштите на светецот во раскошно украсен епитаф, појасни сестра Ефимија за МИА.
Моштите, додаде, и овој пат ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.
Традиционално, моштите на светецот ќе пристигнат од нашиот манастир во Рајчица, а чудотворната икона на Пресвета Богородица од манастирот Пречиста во Кичево. Овие големи светињи ќе бидат поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга. Во 16 часот ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, после што ќе следи Еордијата, која ќе започне веднаш по богослужбата во 17 часот. Литијата ќе тргне од храмот на светителот, ќе поминува низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно ќе се врати во црквата, истакна сестра Ефимија.
Верниците и сите добронамерници, како што посочи отец Васко Голабоски, кој е дел од организацискиот одбор на Струшката Еордија, ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”.
По завршувањето на свечената Литија, во дворот на храмот „Свети Георгиј Победоносец” во Струга, со своја културно-уметничка програма ќе настапи кичевското играорно друштво „Бисер“, како и хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кои за Струшката Еордија подготвиле специјална програма.
За време на Еордијата, Струшката полиција ќе спроведе посебен сообраќаен режим, а за поголема безбедност градоначалникот Рамис Мерко оствари координативен состанок со со претставници од црквата „Свети Георгиј“ и Полициската станица во Струга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.