На мое лично задоволство и на задоволство на сите граѓани на Општина Гевгелија, извршена е реконструкција на кошаркарското игралиште „Иван Пенов“ во Гевгелија. Младите во Гевгелија добиваат ново, модерно кошаркарско игралиште на кое е поставена модерна подлога со сите фито стандарди, со средства обезбедени од програмата за изградба и реконструкција на спортски терени од буџетот на Општина Гевгелија, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов.

Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на членовите на Советот кои дадоа поддршка на оваа програма. А, од мое лично име и од името на сите членови на Советот на Општина Гевгелија упатувам огромна благодарност до фамилијата Пенови, која што беше и иницијатор и која даде огромен придонес, ова игралиште да го добие денешниот лик. Како градоначалник се обврзав да вложуваме во инфраструктурата и во спортските терени, бидејќи тие се основа за правилен, физички и психички развој на нашите деца. Во изминатиот период, обновен е фудбалскиот терен на градскиот стадион во Гевгелија. Во функција е ставено и фудбалското игралиште во Мрзенци, а во моментов се консолидираат и обновуваат фудбалските игралишта кои беа напуштени во Миравци и Прдејци – вели Сарамандов.

Тој додава дека во наредниот период ќе бидат реконструирани и фудбалските терени на Негорските бањи кои ќе претставуваат тренинг база на јуниорите, кадетите и пионерите на фудбалскиот клуб Кожуф. А во спортската сала на основното училиште „Владо Контарџиев“ ќе биде заменет подот, со што ќе се создадат услови за работа на најмладите категории на кошаркарскиот клуб Кожуф.

И на крајот, сакам да најавам дека ќе се изврши и реконструкција на надворешното игралиште ДТВ Партизан. Веќе се превземени припреми и направено е асфалтирање на тој терен и наскоро, Гевгелија ќе добие уште едно ново, мултифункционално спортско игралиште – рече Сарамандов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.