Оперативнотехничката агенција најодговорно и во целост ја негира изјавата на пратеникот Бране Петрушевски дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите и дека на било кој начин се преземаат чекори за нарушување на националната безбедност.
Напротив, Оперативно-техничката агенција во соодветна постапка и со вклученост на сите институции надлежни за спроведување на процесот за следење на комуникациите, со одобрени средства за конкретна намена од страна на Владата на Република Македонија и во согласност со членот 2 од Законот за следење на комуникации има поднесено барање за одобрение и техничка спецификација за што има добиено и поседува позитивно мислење и одобрување од страна на Министерството за внатрешни работи.
Оперативно-техничката агенција од своето формирање како самостоен и независен државен орган е истакнат застапник на доследното спроведување на законитоста, надзорот и контролата над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, залагајќи се за редовни, континуирани и суштински надзор и контрола, со чие доследно спроведување од страна на сите чинители работиме во насока да ја вратиме довербата на јавноста во овој дел од безбедносниот сектор, што го сметаме за стратешка, системска и заедничка, општествена заложба која ги надраснува било каквите поединечни и/или групни интереси.
Во таа смисла ја уверуваме македонската јавност да биде спокојна и да не подлегнува на политички мотивирани изјави дадени во особено сензитивни околности, со кои ОТА и нејзиното работење немаат никаква поврзаност, велат од ОТА во реакцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.