Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во пишана изјава реагира по нападот на директорите на Центрите за социјална работа.
Реакцијата ја пренесуваме во целост:
„Министерството за труд и социјална политика во време кога јас бев министерка не функционираше под притисоци и наредби. Демократското делување е едно од начелата по кои се водевме како кабинет. И токму затоа, ја искажувам мојата лична поддршка на сите директори на Центрите на социјална работа, затоа што во две години мандат ниту еднаш не се посомневав во работата на вработените и никогаш корективните налози не беа истакнати јавно, во медиуми за политички поени. Воедно инспекциските надзори никогаш не беа користени за политички притисоци.
Моето делување како министерка ниту еднаш не се косеше со правата загарантирани со Уставот во нашата држава. Слободата на говор за мене е најважно човеково право и го охрабрувам секој еден граѓанин гласно да говори кога на било каков начин е повредено неговото достоинство.
Последните реакции од кабинетот на техничкиот министер се проткаени само со напади, притисоци и видно непознавање на законите. Повторувам после секоја увидена неправилност во исплатата на било кое право од социјална заштита се врши теренски увид и доколку се утврди истото правото се прекинува и исплатените средства се враќаат назад!
Почитувани граѓани верувам во Законите и мерките кои ги имаме донесено и верувам во капацитетите на оние кои ги имплементираат. Секој кој не го познава доволно Законот за социјална заштита го поканувам да го прочита тука https://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/zakoni/2019/28.5_zakon_SZ.pdf“, се наведува во реакција на Тренчевска по нападот на техничкиот министер врз директорите во Центрите за социјална работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.