Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола денеска, утре и во среда, во своите 11 универзитетски единици ќе го реализира првиот уписек рок за студенти бруцоши.

Во новата академска година, за студирање во прва година ќе може да се запишат 2565 студенти, од нив 1351 студент за студирање во државна квота, 773 места се наменети за студии со кофинансирање и 441 за вонредно студирање.

Најмногу слободни места, вкупно 380, се понудени на Технички факултет-Битола. На Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе може да се запишат 275 бруцоши, а на Педагошкиот факултет има место за 230 студенти, информираа од УКЛО-Битола.

Универзитетските единици на УКЛО во Скопје, Велес, Прилеп, Кичево и во Охрид годинава ќе запишуваат студенти со идентична понуда како и минатата година. На Факултет за безбедност во Скопје може да се запишат 310 студенти, на Технолошко-технички факултет во Велес – 75, на Економски факултет во Прилеп – 248, на Правен факултет во Кичево – 365 и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид – 302 студенти.

Во прва година на Факултетот за биотехнички науки може да се запишат 120, на Ветеринарен факултет – 45, додека на Високата медицинска школа обезбедени се 215 слободни места за студирање во прва година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.