На Филолошкиот факултет при Универзитет во Тетово денеска беше промовирана публикацијата „Македонска граматика што зближува“/прв дел (Gramatika maqedonase që afron/pjesa e pare) од авторките Цутка Јовановска, Марина Спасовска и Марина Даниловска.
Во првиот дел од публикацијата посветена на македонската граматика има тематски единици од областа фонетика и фонологија, а во вториот дел тематски единици од областа морфологија и сè е преведено на албански јазик.
Публикацијата претставува учебно помагало наменето за повеќе целни групи како студенти и ученици со немајчин македонски јазик, за наставници кои работат со студенти и ученици со немајчин македонски јазик и сите корисници кои сакаат да ги усвојат фонетско-фонолошките и морфолошки норми на македонски јазик.
Секоја методска единица е обработена со едноставен стил наменет за целната група корисници. Секое граматичко правило за кое сметавме и за кое практиката ни покажа дека треба го преведовме на албански јазик со цел правилно разбирање на материјата. Секоја методска единица има креативни примери кои се поврзани со конкретната цел и со содржина што е блиска со целната група корисници, истакна професорката Цутка Јовановска на промоцијата.
Сакам да го цитирам Чомски кој вели „Јазикот не е само зборови, тоа е култура традиција, унифицираност во општеството. Цела историја кое го прикажува општеството какво што е. Сето тоа е отелотворено преку јазикот“. И едноставно нашата желба беше овој учебник да биде корисен и разбирлив за сите кои го изучуваат македонскиот јазик и за еден поширок круг на корисници, па затоа искрено се надеваме дека „Македонската граматика што зближува“ ќе биде добредојдена за сите нејзини корисници, истакна професорката Марина Даниловска.
Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет на која предаваат професорките, годинава бележи две децении постоење и оваа граматика е резултат на нивната долгогодишна работа со студенти.
Станува збор за една убава книга, за учебно помагало коешто ќе биде од корист на многумина. Ние веќе сме сфатиле што всушност им треба на студентите на коишто македонскиот јазик не им е мајчин. Оваа граматика се однесува на албански корисници коишто ќе имаат голема полза од неа, бидејќи сето тоа е преведено на албански јазик, имаме многу полезни вежби коишто помагаат во совладување на лексиката на македонскиот јазик во решавањето на задачите. Верувам дека повеќето луѓе ќе се согласат со констатацијата дека учебници треба да пишуваат луѓе коишто се директно вклучени во наставата, а тоа се, кој друг ако не професорите и наставниците коишто секојдневно се среќаваат со тешкотии, предизвици за коишто наоѓаат начин за нивно умешно совладување. Оваа наша граматика „Македонска граматика што зближува“ е обострано корисна бидејќи нам на авторките ни дава чувство на восклик и на радост, а пак на корисниците или на читателите им дава можност за спознание. Па така, сè додека има желни за спознание, ние сме тука да создаваме за нив, истакна професорката Марина Спасовска.
Стручни рецензии за ова дело имаа деканот на Филолошкиот факултет Блертон Сулејмани, како и универзитетските професорки Веселинка Лаброска и Стојка Бојковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.