Професор д-р Лионел Ростаин, трансплантолог од универзитетска болница во Гренобл, град во Франција, меѓу Женева и Лион изминатиот период престојуваше во Скопје. Тој зема активно учество на Конгресот на нефролозите, на кој присуствуваа повеќе доктори, а во разговор за Република тој посочи дека една од важните работи за земја како Македонија е да ги возобнови скрининг постапките со цел да се спречи напредокот на хроничните болести.

Многу ми е драго што сум во Скопје, да присуствувам на седмата македонска средба на локалното здружение на нефрологија, дијализа и трансплантација. Навистина ми е задоволство што бев поканет од професорот Спасовски и од професорот Игор Николов. Патем кажано, некои нефролози од Македонија се обучуваа во Франција, благодарение на добрата програма што ја имаме. Еден од нив беше професорот Игор Николов, кој работеше во Париз три години и потоа беше во мојата болница, каде што остана и стекна добро познавање од трансплантационата медицина. Ова е многу важно за младите нефролози, важно е да имаме соработка меѓу Франција и Македонија. Навистина има многу талентирани млади нефролози тука и тие треба да бидат изложени на работа со други тимови, од Западна Европа. Ова е причината поради која имавме состанок и во француската амбасада каде се расположени да помогнат на овие програми за размена, со што младите талентирани македонски нефролози и лекари ќе дојдат во Франција за една до две години, да стекнат подлабоко разбирање и познавање на разните области на нефрологијата.

Една од важните работи за земја како Македонија е да ги спречува хроничните болести. Зошто е ова важно? Затоа што товарот и особено цената на лекување на пациенти со хронични болести е многу многу висока. И навистина, кога состојбата на пациентот води кон краен стадиум на болеста за што е потребна дијализа, тоа претставува огромен трошок за општеството. Па оттаму, мораме, ако е можно, да ги спречуваме овие хронични болести. А превенцијата е заснована на тестирање и скрининг на пациентите за покачен крвен притисок, за протенурија, за ренална дисфункција преку серумски креатинин. Овие алатки, проверката на крвниот притисок, проверката на креатининот и за протенурија се многу ефтини. Па така, фокусот на Министерството за здравство треба да биде на овие тестови со цел да се откријат хроничните болести на време. Зошто е тоа така? Затоа што во 2024 година имаме многу добри лекарства и многу евтини лекарства како што се СГЛТ2 инхибиторите. Овие лекови треба да се издаваат на државен трошок. Зошто е тоа така? Затоа што тие треба да се земаат до крајот на животот од страна на пациентите кои се зафатени од хронични болести на бубрезите но се се уште во рана фаза. Лекарствата можат да ја модификуваат болеста, да ја стабилизираат болеста со години. Што поскоро почнат пациентите да ги примаат овие лекарства, СГЛТ2 инхибиторите, толку подоцна ќе влезат во крајна фаза на болеста.

Оттаму, една од политиките треба да биде да се рефундираат пациентите за цената на овие лекарства исто како што се надоместува цената за анти неопластични лекарства на пример. На крајот на денот, обучувањето на млади талентирани нефролози, на пример во Франција, надоместувањето на трошоците за овие нови лекарства кои се многу важни за пациентите со бубрежни болести, може да помогне да ја одложиме крајната фаза на болеста, со дијализата или трансплантацијата. Јас имам многу верба во нефролозите од Македонија, тие се многу добро обучени, но исто така и во младата генерација – рече д-р Лионел Ростаин.

Проф.д-р Игор Николов кој имаше свое предавање на Конгресот ја истакна одличната соработка со француските универзитети како и амбасадата на Франција во Македонија и изрази огромна благодарност за досегашната поддршка за развојот на медицината и научната мисла во Македонија.

Токму на Денот на здравјето,7 април врвните професори од Франција, Проф.Маси и Проф. Ростаинг заедно со францускиот амбасадор Баумгартнер разговаравме за можноста за упатување на млади доктори од Македонија во Франција на стручно доусовршување.
Лично сметам дека со упатување млади доктори со цел едукација во Франција и стекнување нови знаења и најнапредни техники по примерот на најразвиените европски здравствени системи, тоа значително ќе го унапредиме нашиот здравствен систем.
Потоа ова знаење ќе се примени во нашите здравствени установи, а со пренос на знаење нашата цел е да се вклучат и дополнителни тимови кои ќе бидат едуцирани.
За оваа можност разговаравме и на конгресот со проф. Ростаинг и заеднички заклучивме дека оваа соработка со Франција потребно е да ја продлабочиме.
ВМРО -ДПМНЕ високо на приоритетите во програмата за здравство ја поставува едукацијата во најсовремените европски и светски медицински центри и воведување нови методи во работата, посебно ако се има во предвид дека здравството изминативе години како ресор е маргинализирано и нема системска грижа за едуцирање и обуки на кадар за примена на најнапредни методи и техники. Овие аномалии набрзо ќе бидат корегирани за што се обврзуваме дека наш врвен приоритет ќе биде кадровската политика и обука и едуцирање на кадар во врвни европски медицински центри. Потоа овој кадар стекнатото знаење потребно е да го донесе и примени во македонскиот здравствен систем
– изјави проф. д-р Николов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.