Припадниците на еврејската религиозна група Лев Тахор кои моментално се сместени во хотелот „Прага“ во охридското село Горно Лакочереј сметаат дека непотребно се создава омраза против нив. Тие ги отфрлаат ги како лаги и шпекулации тврдењата за нивните активности во местата каде привремено престојуваат.

Припадничка на групата во изјава дадена за медиумите истакнуваат дека Македонија е прекрасна земја, народот е добар, независно што поединци негативно реагираат на нивното присуство.

Тука сме туристички за да посетиме некои еврејски објекти, синагоги, да посетиме роднини, гробови на наши претци…Немаме планови да бараме никаков постојан престој, тука сме привремено, имаме дозвола од тримесечен престој, а немаме намера да останеме тука повеќе од еден месец – вели припадничка на групата.

Во врска со реакциите на локалното население, таа забележува дека непотребно се создава некаква омраза против нив, им се ускратува нивното право слободно да се движат и да ги посетат местата за кои се и дојдени тука.

Со се она што се случува, реакциите, ние сме се уште во потрага по место каде ќе можеме да се сместиме и да можеме пристојно да престојуваме и во крајна линија да го направиме она за што сме тука, да ги посетиме местата од интерес. Трошиме средства, бараме место каде да се сместиме, без да ни се даде можност да се фокусираме на она за што сме тука. На овој начин нема да можеме да посетиме ниту едно место заради кое впрочем сме дојдени тука – вели таа.

Таа категорично исклучува тврдења и обвинувања дека се шпиуни, а уште помалку терористи.

Луѓето непотребно се агресивни кон нас. Не бевме протерани од БиХ, тоа се само медиумски шпекулации, наш избор беше да заминеме оттаму согласно плановите, за потоа да дојдеме тука. Моментално немаме постојан престој, во потрага сме по земја каде ќе ни биде дозволено да ги практикуваме нашите човечки права и религиозни слободи, како што е запишано и во Библијата. Во меѓувреме транзитираме, не знаеме кога тоа ќе се случи, но засега немаме планови за постојана дестинација – вели таа.

Што се однесува на тоа како ги подмируват трошоците за патувањата, таа појасни дека во групата има луѓе кои се со сопствени заштеди, некои од нив работаат онлајн, меѓусебно се помагаат…Единствен проблем, како што вели, е тоа што постојаните селења за нив претставуваат непотребни дополнителни трошоци.

Жителите на селото Горно Лакочереј се мобилизираа и најавија протест поради присуството на припадниците на Лев Тахор во хотелот „Прага“, со барање тие да си заминат поради наводни стравувања за безбедноста на нивните деца.

Реакции имаше и на социјалните мрежи, каде беа објавени статуси и коментари со недолична и заканувачка содржина. Охриѓанка заработи и кривична пријава заради објавување содржина на нејзиниот фејсбук-профил преку која извршила казнено дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ казниво по член 394-г од КЗ.

Од МВР официјално беше соопштено дека членовите на групата имаат легални патни исправи и одобрен привремен престој во Македонија.

Групата не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите – соопштија од МВР.

Од охридската полиција излегоа со информација дека нема ниту пријава, ниту поплака за нивниот престој на територијата на Општина Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.