Во време кога го губиме идентитетот, јазикот, државата и се’ она, што не’ прави Македонци, благодарение на три банди предавнички, никогаш да не заборавиме неколку факти,пишува: Протоереј Златко Ангелески од Прилеп.

Прво: Во времето кога Колумбо пловел по морињата за да го пронајде новиот континент, македонскиот народ веќе почнал да се жртвува за Христа!

Второ: Во времето кога големиот Шекспир со мастило ги пишувал своите трагедии, Македонците своите трагедии ги испишувале со крв!

Трето: Во времето кога Кромвел во името на Библијата се борел за слобода во нивниот парламент, македонските јунаци пребивале низ густите шуми и кории и меѓу себе си раскажувале за тешките злосторства кои ги гледале како се случуваат врз сопствениот народ!

Четврто: Во времето кога Милтон ја напишал маестралната поема „Изгубениот рај“, Македонците веќе почувствувале дека го загубиле Рајот!

Петто: Во времето кога Ливингстон отишол во Африка со светлината на просветена цивилизација, во Македонија се’ уште управувале мрачните сили, многу помрачни од оние во Африка!

Шесто: Во времето кога философот Лок ја напишал книгата „За воспитувањето на луѓето“, Македонецот веќе се учел на воспитување од примерите на своите светли водачи и просветители!

Седмо: Во времето кога Адам Смит ја напишал книгата „За богатството на нациите“, Македонецот веќе поседувал свое богатство – цврстата вера и светата надеж за опстој!

ЗАПАМТЕТЕ! Човек да измачува човек, народ да негира народ, христијанин да биде непријател против христијанин, и тоа да се случува во XXI век, сето ова ја надминува секоја ѕверска карактеристика! Кај Индијците има едно сведоштво, дека кобрата, една од најопасните змии во Индија, никогаш нема да касни бебе, кое е во јасли!

Но, безмилосно напаѓа на човекот, кога таа е во опасност. А Европа, оваа, „цивилизиранава“, денешнава и бесрамна, распуштеницава и блудницава, со сласт и страст гледа како една фашистичко-окупаторска змија напаѓа еден кроток и мирољубив народ! Гледа и – ужива! И на какво добро можеме да се надеваме од таква Европа!?

Европа никогаш доволно не не’ познавала и уште долго време нема да не’ запознае како што треба. Но, многу поважно е самите добро да се знаеме и познаваме. Ние отсекогаш самите себе сме се потценувале, но повеќе не мораме и не смееме тоа да го правиме! Денес слободно треба да им погледнеме во очи на нашите вековни тирани и да им признаеме многу нешта и гласно тоа да им го кажеме:

Европски тирани! Ние сме мали и безначајни од мачењата и понижувањата кои вие ги правите кон другите. Во тоа сте навистина голема сила!

Европски сатрапи! Ние сме мали и безначајни во лукавствата и перфидноста, кои се ваша карактеристика. И во тоа сте навистина голема сила!

Европски голтари! Ние сме мали и безначајни кон вашите непочитувања и непризнавања на туѓите права. Ете, и во тоа сте навистина голема сила!

Но, бедни бездушници, има една работа во која вие сте многу мали, а можеби за таа работа и не знаете: Тоа е херојството – херојството во борба за слобода, херојството во одбрана на правдата, херојството во самопожртвуваноста, херојството во признавањето и почитувањето на човечките права на секој човек и на секоја нација.

Нашата борба за човечки и достоинствен опстој под ова сонце има национален и јуначки карактер, а вашата борба за наше непостоење има шпекулантски и кукавички карактер. Во тоа е разликата меѓу нас и вас! Едноставно, нашите мртви јунаци и херои се посилни од вашите живи лигушковци и полтрони! Или уште поедноставно: СО НАС Е БОГ, а со вас е стравот од нашето постоење!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.