Претставници на организацијата Студентски отпор остварија средба со пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на која ги изложиле своите ставови. Студентите целосно не се согласуваат со предлогот на владејачкото мнозинство за измена на Законот за субвенциониран студентски оброк од 120 на 140 денари на ден. Тие стојат на своите барања студентскиот оброк да биде 160 денари на ден, официјално известување за предлогот за картичен систем за исплата на студентскиот оброк, подобрување на условите во студентските домови.

Како Студентски отпор и како организација која максимално се залага за решавање на актуелните студентски прашања, цврсто стоиме зад ставот сумата на субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од сегашните незначителни 120 денари, кои во состојба на криза и инфлација, како и намален студентски стандард, се сосема недоволни за основна егзистенција на студентите, да се зголеми во 160денари.  Сумата од 140 денари е договорена нелегитимно со неколкумина студенти, без да бидат прашани сите студенти со што нема поддршка од сите засегнати страни. Студентите не се изјаснија дека го прифаќаат ова решение! 140 денари се недоволни и тоа нема да го дозволиме! Овој став е рефлексија на моменталната состојба на студентите во Република Македонија и неможноста целосно да се посветат на академскиот успех и нивната иднина во оваа држава поради долгогодишниот недостаток од основни ресурси, велат од Студентски отпор.

Студентите побараа и средба со сите пратенички групи од Собранието на Република Македонија на која пред народните избраници ќе ги образложат своите барања.

Студентите се иднината на оваа држава, па така тие не смеат да бидат жртви на нефункционални системи и алчни функционери. 160 денари веднаш! Aпелираме на транспарентност од страна на сите засегнати страни, се со цел студентите да го добијат она што со право го заслужуваат, стои во соопштението до медиумите испратено од студентската организација Студентски отпор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.