Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден до 20 часот вкупно 52.733 граѓани дале потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата. Досега потребните 10 илјади потписи од граѓаните ги собраa Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ), лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски, кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари.
Блиску до собирање на потребните потписи се кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, за која се потпишале 9085 граѓани и кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски со 7994.
Според податоците од ДИК, сè уште нема ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.
Според објавените досегашни податоци од ДИК, до дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП) пристигнале вкупно 166 пријави од државјаните кои се на привремена работа или престој во странство за гласање за претседателските избори закажани за 24 парил и за парламентарните избори на 8 мај.
Нашите државјани ќе можат да се пријавуваат за гласање до 18 март електронски или во ДКП-та на нашата држава во земјите каде живеат.
Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.