Претседателот Стево Пендаровски денеска во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“ го посети гостиварското село Тумчевиште.
Во Тумчевиште, претседателот Пендаровски се сретна и поразговара со претставничките на локалното здружение на жени фармери „Моја Фарма“ и нивната претседателка Живка Ѓурчиновска, која е првата жена регистрирана како индивидуална земјоделка во ова село.
На средбата, на којашто присуствуваа и претставници од здружението „Руралната коалиција“ и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, претседателот Пендаровски беше запознаен со поддршката која што ја добиваат од државата, како и со предизвиците и проблемите со кои се соочуваат во однос на пласманот и откупот на земјоделските производи, малиот број на откупни центри, како и лошата инфраструктура. Во таа насока, жените земјоделки го информираа претседателот Пендаровски за нивните натамошни планови, со условите за работа како и со потребата од поголемо родово одговорно буџетирање во земјоделството и руралниот развој. Со цел да ги следат современите процеси, жените земјоделки истакнаа дека е неопходно постојано инвестирање во модернизација на производството.
Воедно, претседателот Пендаровски беше информиран со активностите на нивното здружение во кое членуваат околу педесетина жени, организирањето на манифестацијата „Да ја зачуваме традицијата“, како и со работењето на нивната он-лајн продавница „Наша тезга“ како прв интернет пазар за продажба на земјоделски производи и преработена храна на традиционален начин, произведени исклучиво од жени од руралните средини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.