Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на Женскиот економски форум – Балкан 2024, што се одржува во организација на Здружението на жени менаџери ЕЛИТ.

Во своето обраќање претседателката истакна дека иако е евидентен напредокот, не смееме да се задоволиме со постигнатото на полето на родовата еднаквост.

„Должни сме да продолжиме со заложбите за рамноправност и еднаквост на правата не само de jure, туку и de facto, оти женските права се човекови права и степенот на демократијата се оценува и низ нивната реализација. Особено е важно да се елиминираат бариерите за економска партиципација и лидерство на жените“, потенцираше претседателката.

Во таа насока таа истакна дека суштински предизвик е да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството, да се зголеми женското влијание врз и во различни сфери, вклучувајќи ги бизнисот, политиката, администрацијата, академската заедница и граѓанското општество.

Претседателката потенцираше дека поттикнувањето на иновациите и овозможувањето одржлив развој е еден од најважните приоритети поврзани со женското лидерство, како и зелената транзиција. Во таа насока таа посочи дека глобалните платформи како Г100 се добредојдени за стимулирање на локалните и националните промени во делот на женското лидерство во политиката, економијата и конкретно, во поддршката на женското претприемништво, менторство и едукација.

„Моќта на глобалните мрежи во споделувањето знаења, ресурси и системи за поддршка на жените е клучна во градењето на следната генерација жени лидерки кои ќе придонесат за конечно премостување на традиционалните граници во секторите во кои доминираат мажи“, посочи таа во своето обраќање.

Осврнувајќи се на глобалните предизвици, претседателката истакна дека во услови кога фокусот е на кризниот менаџмент сè помалку време се посветува на растот, развојот и напредокот и дека поделениот и завојуван свет има егзистенцијална потреба од одговорно лидерство, визионерство и темелна посветеност на одбраната на човековите права.

„Жените треба да ја превземат реформаторската улога. Тие ја имаат способноста да се издигнат над личните интереси и профитот и да ја видат големата човечка слика. Верувам дека токму жените лидерки во економијата, со својата енергија, посветеност, решителност, вештини и знаење може да ги преусмерат економските текови, ставајќи мировен, женски печат и промовирајќи и стимулирајќи одржливи и фер економски политики и модели, истакна претседателката Сиљановска Давкова, додавајќи дека жените лидерки во економијата поседуваат докажана општествена одговорност, грижа за заедницата и екологијата, остварување на милениумските цели без експлоатација и нарушување на работничките права.

Во своето обраќање претседателката изрази очекување дека релевантното меѓународно присуство и активност ќе ги охрабри и стимулира македонските лидерки да станат уште поактивни социјални актерки во низа области.

Целта на форумот е вмрежување на жените од различни сектори од регионот на Западен Балкан и Република Турција, преку размена на искуства и нивна соработка, а во насока на поттикнување и јакнење на улогата и позицијата на жените во општеството.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.