Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Косово, Флоријан Ќехаја, соопшти нејзиниот кабинет.

На средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на билатералната и регионалната соработка и беше поздравен отворениот и конструктивен дијалог за прашањата од заеднички и поширок интерес.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази подготвеност за продолжување на одличниот политички дијалог на највисоко ниво и изрази очекување дека позитивниот тренд во развојот на економските односи со Косово, како наш значаен трговски партнер, ќе продолжи и во иднина.

Во контекст на европските перспективи и споделувањето на заедничките вредности, претседателката Сиљановска Давкова изрази поддршка на косовските евроатлантски аспирации и учеството во различни формати на регионална соработка и ја истакна подготвеноста за споделување на искуства во сите области каде што располагаме со соодветна експертиза.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во регионот, за соработката во рамки на регионалните иницијативи, како и за можностите за продлабочување на прекуграничната соработка преку искористување на фондовите на Европската Унија, се наведува во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.