Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ со кого разговараше за севкупните билатерални односи на двете земји, можностите за соработка во повеќе области од заемен интерес, како и за унапредувањето на регионалната соработка во насока на справување со предизвиците во однос на регионалната безбедност и европските интеграции.

Како што информираат од нејзиниот кабинет, претседателката Сиљановска Давкова изразила задоволство од одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји кои се карактеризираат со заемно разбирање, поддршка и почит. Таа нагласила дека постои интерес за продлабочување на економската соработка преку искористување на можностите и потенцијалите за зголемување на трговската размена, како и за натамошно унапредување на политичкиот дијалог.

 

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова ја поздравила одлуката на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина и притоа ја истакнала македонската поддршка за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет согласно Дејтонскиот мировен договор.

Таа истакнала дека ќе продолжи и понатаму нашата поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина, изразувајќи ја нашата подготвеност за размена на искуства на тој план.

Во однос на регионалната соработка, претседателката нагласила дека треба заеднички да се продолжи да се работи на нејзиното унапредување со цел справување со предизвиците за регионалната безбедност и европската интеграција на регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.