Градењето на свест кај учениците за здрав начин на живеење и стекнувањето знаења кои водат кон формирање психички, социјално и физички здрави личности, способни да се грижат за своето здравје и за здравјето на другите, во рамки на системот на образование на Република Македонија, е системски засновано.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на отворањето на заедничката работилница со Министерството за здравство и Канцеларијата на СЗО во Скопје на која беше презентиран и потврден планот за имплементација на пилот-проектот во неколку основни училишта, информираат од МОН.

Тој посочил дека новата иницијатива на СЗО и УНЕСКО, што има за цел секое училиште да биде училиште кое го промовира здравјето, е добредојдена, затоа што овозможува натамошно унапредување на работата на училиштата и подобрување на благосостојбата на децата од училишна возраст.

Заштитата на здравјето е пресудно за севкупниот развој на државата и затоа, како што нагласил Шаќири, примарно е децата од најрана возраст да бидат во средина каде се развиваат позитивни обрасци на однесување поврзани со здравјето.

Воспитно-образовните институции имаат клучна улога во усвојувањето здрави животни навики поврзани со физичкото, менталното и социјалното здравје. Актуелниот Закон за основно образование, утврдувајќи го правото на образование на секое дете, ја определува грижата за здравјето како едно од основните начела на кои се развива образованието. Со наставниот план од прво до деветто одделение, согласно новата Концепција за основно образование, предметот Физичко и здравствено образование е задолжителен за сите одделенија, со три часа неделно. Дел од темите поврзани со здравјето се изучуваат и преку задолжителниот предмет природните науки, кој исто така се реализира во сите девет одделенија, вели Шаќири.

Од ресорното министерство нагласуваат дека реформата на основното образование овозможува стекнување здравствена писменост и низ другите предмети, преку наставни и воннаставни активности, со вклучување на широка палета ресурси.

При тоа, наставниците имаат можност преку проектни активности да го поттикнуваат и развиваат одговорниот однос кон здравјето како добросостојба. Учениците стекнуваат знаења за превентива од болести, за здрава исхрана и за потребата за физички активности, на предавања и разговори на часот на одделенската заедница, со стручната служба, одделенските раководители и со надворешни стручни лица. Исто така, Програмата за унапредување на здравјето е составен дел на програмите за работа на училиштата, велат од МОН.

Оттаму посочуваат дека иницијативата на СЗО и УНЕСКО е заснована врз глобалните процени за болестите и смртноста кај децата и адолесцентите кои сугерираат дека децата на училишна возраст имаат значителни потреби за унапредување на здравјето, на превенцијата и на услугите за здравствена заштита.

При тоа, училиштата кои го промовираат здравјето се препознаени како стратешко средство за промовирање на позитивен развој и здрави однесувања како што се физичка активност, рекреација и игра, урамнотежена исхрана, спречување на пушење и спречување на насилство, истакнуваат од МОН.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.