Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлог на закон за данокот на солидарност. Целта на овој Предлог на закон, според образложението на Министерството за финансии, е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи, во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза, при што е земена предвид европска регулатива.
Европската Унија, како што е посочено, заради ублажување на последиците од енергетската криза, усвои Регулатива на Советот (ЕУ) 2022/1854 од 6 октомври 2022 година, за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата, а со којашто се утврдува и обврската за наплата на придонес за солидарност. Според Регулативата, придонесот за солидарност треба да дејствува како редистрибутивна мерка за да се осигура дека предметните компании коишто оствариле вишок профит поради неочекувани околности, пропорционално придонесуваат за ублажување на енергетската криза на внатрешниот пазар.
Предлог законот за данокот на солидарност предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.
Воведувањето на данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани и се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност.
Владата го утврди и текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка.
Целта на предложените измени и дополнувања, според објаснувањето од ресорното министерство, е усогласување со препораките од Европската Комисија и од меѓународните финансиски институции. При тоа, се пропишуваат законски решенија коишто придонесуваат за намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, проширување на даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка, соопшти владината прес-служба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.