Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КЗСД) оценува дека Предлог-законот за административни службеници предизвикува „структурна дискриминација од огромни размери“, бидејќи ги става во неповолна и нееднаква положба 25.000 административци во делот на одредувањето на платите. Според Комисијата, во предложениот законски текст спорен е членот 71, со кој се уредува пресметувањето на основната плата на административните службеници.
Од КЗСД посочуваат дека доколку се усвои во таква форма, законот ќе создаде услови за нееднаков третман на поголем број административни службеници вработени во институции од јавниот сектор, кои ќе бидат ставени во понеповолна состојба во споредба со административните службеници кои работат на исто ниво во министерствата и секретаријатите.
На овој начин 5.000 вработени во министерствата и секретаријатите ќе земаат во просек за околу 10.000 денари повисока плата од вработените административни службеници на исто ниво во јавниот сектор. Тоа е структурна дискриминација од огромни размери, соопшти претседателот на Комисијата, Исмаил Камбери.
Тој потенцира дека Комисијата морала да реагира, издавајќи стручно превентивно мислење доставено до Владата и Министерството за информатичко општество, со барање за повлекување на предлогот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.