Денес расправаме за разрешување на министри во една влада која треба што поскоро целата да се разреши а не да разрешуваме парцијално министри во зависност од тоа каков коалициски пазар постигнал премиерот Ковачевски за да купи уште некој ден за да остане на власт, уште некој месец, и да продолжат заедно со ДУИ да ја пустошат република Македонија. Денес на предлог на премиерот се бара да се разрешат министрите за здравство, за информатичко општество и администрација и министерот без ресор задолжен за дијаспора. Морам да констатирам дека пред точно една година истиот овој премиер имаше толку пофални зборови дека овие тогашни кандидати за министри се вистинскиот избор и дека тие ќе донесат добробит за граѓаните за сега после една година да бара разрешување на овие министри и уште неколку оставки од кадрите што доаѓаа од ДУИ и од СДСМ меѓу кои и министерот за правда Тупанчевски кој можеби најдобро ја опиша оваа влада и од какви принципи се води. Тој точно кажа дека ова е „Пазар3“ влада односно со други зборови купи продај влада од денес за утре, влада без капацитет, влада без визија за економски развој, влада без морал и морални вредности, влада која треба само да ја продолжи агонијата во која се наоѓа Република Македонија, истакна на денешната собраниска седница пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Аџиоски.

Тој исто така го запраша премиерот Димитар Ковачевски за тоа што се смени кај овие министри кои бара да бидат разрешени кога пред само една година самиот тој ги предложил и за нив имаше само пофални зборови.

Затоа би го прашал премиерот што се смени кај овие луѓе за после една година да барате да се разрешат. Овие се истите луѓе кои пред една година, односно нивната партија гласаше за вас и ве направија премиер. Тоа треба да им го одговорите на македонските граѓани, а не тука само без никакво образложение да барате нивно разрешување. Овој министер за здравство е истиот оној министер кој го фалевте пред точно една година и истиот оној министер што ве информирал и барал од вас уште пред два месеци да донесете одлука на влада за да се обезбедат средствата и да се набави лекот за болните од цистична фиброза, но вас ви текна дека сте премиер и дека кај вас е клучот за решавање на овој проблем, за жал откако почина тој на кој што му беше најпотребен лекот, за без срам и грам човечност одма после тоа и оваа несреќа да ја искористите и да барате одговорност од сите, но не и од самиот себеси, рече Аџиоски и додаде:

Треба јавно да кажете дека сиот овој циркус е за продолжување на криминалот што го правите заедно со ДУИ и дека сето ова е со цел да продолжите да крадете, уште некој месец, да продолжат бизнисите уште некој месец. Треба да кажете дека им помина употребната вредност на овие министри од Алтернатива затоа што ДУИ си најде други другарчиња за да бидат министри кои исто така се со употребна вредност, но моментално се како пратеничка група бројчано повеќе и затоа се по атрактивни за политички пазарења.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.