Никакво придвижување на екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се доживотно осудени за случајот ,,Монструм” за петкратното убиство кај Смилковското езеро.

„Чекаме“ – одговори денеска изјави министерот за правда, Игор Филков запрашан до каде е екстрадицијата. Тој потсети дека за тоа разговарал со неговата косовска колешка при последната меѓувладина седница меѓу Македонија и Косово.

-Таму процедурата е во тек и го чекаме исходот во секој момент. Кога ќе дознаеме, ќе дознаете и вие, кажа Филков.

Пред десетина дена, косовскиот премиер Албин Курти истакна дека ова е прашање и за судовите и јавните обвинителства на Македонија и Косово.

-Ние сме во ситуација кога имаме наследено старо прашање и тоа налага законски и судски третман за што нашите двајца министри даваат нивен максимум за што поскоро са се реши. Да им дадеме уште малку време да го решат и да се погрижат за проблемот, кажа Курти на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски.

Летово Министерството за правда повторно бара екстрадиција од Косово. Барањата се веќе доставени до Министерството за правда на Косово и се уште се чека одговор од нивна страна.

Последен пат, нивна екстрадиција беше побарана во 2018 година. Во 2021 година косовските власти ја одбија екстрадицијата за Исмаиловиќ, а за Демири немаше одговор. Министерот за правда Игор Филков штом стапи на функцијата изјави дека Демири и Исмаиловиќ не се гонат за други кривични дела во Косово.

Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута. Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се двајца од тројцата непосредни извршители на убиствата кај Смилковско езеро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.