Од Богданци денеска почнува кампањата за промоција на бесплатна правна помош и организација на инфо денови. Целта е да се информираат граѓаните за бесплатната правна помош и да се осигури подобра искористеност и пристап до овие услуги.

Настанот е дел од серијата активности за подигање на свеста, поддржани од Европската Унија и Советот на Европа во соработка со Министерството за правда, коишто ќе се одржат во различни региони во државата со цел е да се промовира користењето на бесплатната правна помош, со посебен осврт на ранливите категории.

Јавните промоции, како што се наведува, ќе допрат до разни локални заедници за да им дадат детални информации на граѓаните за тоа каде и како можат да најдат бесплатна правна помош и кои институции/организации ја даваат.

За време на настанот, учесниците ќе имаат можност да им постават прашања на експерти од областа и да добијат одговори, како и да добијат лесно разбирливи информативни материјали за конкретните теми за коишто може да се побара и добие бесплатна правна помош, вклучувајќи семејно насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита…

Оваа иницијатива е организирана во рамки на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Македонија“ дел од заедничката програма на Европска Унија и Совет на Европа „Хоризонтален Инструмент III за Западен Балкан и Турција“.

В понеделник е предвидена презентација во Струмица.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.