Што треба да направат некои други држави затоа што нивните сонародници во трети земји напредуваат заедно со тие трети држави. Не е тоа аргумент. Што треба сега Финска да ѝ објави војна на Русија затоа што финското малцинството во Русија не напредува како што Финска напредува? Не ја разбирам логиката. Што повеќе соседи околу нас станат дел од ЕУ, толку подобро. Тоа де факто ќе значи дека и ние сме дел од ЕУ, вели премиерот Христијан Мицкоски за евроинтегративниот пат на земјава и одвојувањето од „пакетот“ со Албанија.

Како што изјави претседателот на Владата во емисијата „Само интервју“, „нашиот западен сосед не е поподготвен од нас и не е понапред“. Сепак, им посака успех и за најбрзо што може да ги почнат преговорите со ЕУ.

-Вие мислите дека тие се поподготвени од нас и дека понапред се? По кој параметар?, прашува Мицкоски, додавајќи дека „Бугарија, Романија, Хрватска, Србија и Црна Гора во процесот на преговори не не претркаа затоа што се понапред, туку едноставно имавме билатерални проблеми – прво името, а сега и идентитетот со Бугарија“.

На 15 октомври Албанија ќе го отвори првиот кластер во преговорите со што ќе премине во втората фаза од преговорите.

Македонија и Албанија станаа пакет во 2018 година кога по решевањето на спорот со Грција сепак беше донесена одлука Македонија веднаш да не добие датум за преговори.

Тогаш клучниот момент беше барањето на Франција за нова методологија за преговори, па проширување, што резултираше со блокирање на одлуките за давање на датум за преговори и формирање на пакетот Скопје – Тирана.

Обиди за раздвојување на патот на двете земји имало во неколку наврати потоа, но неуспешни поради противење на неколку од водечките земји во Унијата, како Франција, Германија, Италија, но и Грција, кои сметаа дека раздвојувањето би било контрапродуктивно за регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.