Усогласувањето на платите на вработените во јавниот сектор ќе биде во септември, а не во март, како што е договорено со Општиот колективен договор. Минималната плата се зголемува од март 2024 година на 22.500 денари и сите вработени од јавната администрација бараат зголемување на платите со порастот на минималната плата, односно да им се зголемат за околу 2100 денари, но вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката Тренчевска сметаат дека тоа е уредено со Општиот колективен договор.
– Потпишувањето на Општиот колективен договор беше воспоставување на новата методологија. 10% во септември што ги земаа сите вработени во јавниот сектор, во септември 2024 година уште едно усогласување на платите и во март 2025 година да започнеме со новата пресметка на платите, односно коефициент помножен со просечна плата. Согласно новата методологија во Општиот колективен договор, платите на вработените во јавниот сектор во септември наредната година ќе бидат зголемени, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Истакна дека ќе се разгледа дали ќе биде усогласувањето во месец март, кога треба да се покачи минималната плата.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи се надоврза на министерката и рече дека ќе се зголемат платите, но само ако администрацијата почне да дава соодветни услуги на граѓаните.
– Ние правиме се што е потребно. Со министерката сме вклучени во сите преговори и немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравство притоа ако имаме услуги соодвтени за нашите родители, баби и дедовци. Немаме проблем да ги зголемиме платите и во судство и обвинителство, ако притоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети за да им се реши нивната судбина. Нема проблем, ќе решиме се, ама да не биде на штета на другите. Притоа, ако зголемуваме во судство, здравство, ќе треба да скратиме од пензиите, од студентските обртоци и од книгите за учениците. Изборот е тој, можностите се тие – рече Битиќи.
Минималната плата сега изнесува 20.175 денари. Во март 2022 година беа донесени измени на Законот за минимална плата согласно кои се воспостави нова методологија според која висината на минималната плата се усогласува со 50 проценти од порастот на трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата во изминатата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.