Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Брнз денеска на армискиот полигон „Криволак“ присуствуваа на вежба на припадниците на Армијата, која ги вклучуваше новите оклопни возила JLTV Oshkosh и армиските хеликоптери.

„’Криволак’ е најдобриот пример за ефикасноста на нашата заедничка соработка. Кога имаме јасни цели и кога сме посветени на развојот, и нашите пријатели и стратешки партнери се секогаш тука да ни помогнат“, рече министерката по показната вежба. Додаде дека токму на ‘Криволак’, припадници на македонската Армија и вооружените сили на САД тренираат не едни покрај други, туку едни со други, учејќи нови вештини и нови способности и заеднички развивајќи ја интероперабилноста која е круцијална за безбедноста и стабилноста на двете земји и на евроатлантската област.

Во однос на одбранбената соработка на двете земји, Петровска го истакна развојот на полигонот каде заеднички беше подобрена инфраструктурата, а беа изградени и нови вежбовни содржини, додека истовремено над 1.000 армиски припадници завршија голем број на обуки и високи школи во САД. Заедно, рече министерката, го реализираме и процесот на модернизација, најголем во овој обем досега.

Со набавката на новите оклопни возила, JLTV Oshkosh и Stryker, заеднички го менуваме ликот на Армијата и заеднички креираме Армија која е и ќе продолжи да биде вистинска вредност за колективната одбрана, нешто што во овие несигурни времиња е столб за нашата безбедност и сигурност, подвлече министерката.

По повод завршувањето на мандатот на амбасадорката Брнз, министерката изрази благодарност за нејзината визија, посветеност и отвореност секогаш да одиме чекор понапред во развојот на соработката која се основа на нашите споделени вредности и принципи и на меѓусебната почит и доверба.

По показната вежба, Петровска на Брнз и врачи македонско знаме и плакета, во името на одличната соработка помеѓу Македонија и САД која е особено интензивна во периодот кога Брнз е амбасадорка на САД во нашата земја.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.