Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска во редовниот термин за состанок со градоначалниците имаше средба со градоначалниците на општините од Вардарскиот плански регион. Министерот Перински истакна дека приоритет е ефикасно, одговорно и праведно да се завршуваат работите затоа што граѓаните очекуваат решенија за нивните приоритетни потреби во општините.

Министерот Перински на состанокот обрна внимание дека општините треба да ги финализираат проектите со кои што ќе аплицираат за средства од Владата на јавниот повик што ќе биде објавен наскоро.

Министерот за локална самоуправа ги информираше градоначалниците дека целата постапка на проверка и рангирање ќе ја спроведува Министерството за локална самоуправа. Перински истакна дека постапката ќе биде регулирана со посебен акт и ќе биде спроведена на транспарентен и праведен начин.

Целта е да бидат финансирани најголемиот број на проекти, кои што се целосни и добро подготвени. Исто така е важно со нив да се решаваат прашања кои што се приоритетни за граѓаните, а проектите треба да се реализираат ефикасно но и квалитетно, а градоначалниците треба да бидат свесни дека паралелно ќе има надзор и на трошењето на буџетските пари, но и на квалитетот на изведбата, рече Перински.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, од стапувањето на функцијата секој понеделник и среда има состаноци со градоначалници. Оваа активност ќе остане на неговата агенда со поинтензивни и теренски посети, особено во периодот на имплементација на капиталните проекти, што ќе бидат финансирани од буџетот на државата. Министерството за локална самоуправа е во постојана комуникација со општините и со локалните власти, но и со граѓаните со кои што гради партнерски однос, во решавањето на сите приоритетни прашања од локална надлежност.

Во рамки на средбата градоначалниците од вардарскиот плански регион, изразија подготвеност да учествуваат во јавниот повик со свои проекти, при што беше истакнато дека најголемиот дел од нив ќе бидат од сферата на комуналната инфраструктура. Градоначалникот на општина Неготино го издвои проектот за комплетирање на комуналната инфраструктура, водовод, канализација и пат во урбана заеница 5.1.

Општина Свети Николе ја истакна потребата од завршување на реконструкцијата и изградбата на неколку улици и изградбата на водоводот и канализација во населба Кнежински Пат, а општина Велес го издвои проектот за изградба на подземна катна гаража и плоштад, како проекти со кои ќе учествуваат во јавниот повик на министерството за локална самоуправа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.