Ветивме развој на општините, тоа и го остваруваме.

Задоволство ми е да најавам дека денес го објавуваме јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер кој што е наменет за сите единици на локална самоуправа во висина од 6.000.000.000 денари, средства коишто се обезбедени согласно ребалансот на Буџетот.

Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.

Јавниот повик е веќе отворен и објавен на веб страната на Министерството за локална самоуправа и на веб страната на Владата, и објавен во два печатени медиуми.

Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа.

Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот.

Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на Владина седница.

Средствата ќе се доделат преку 6-те ресорни министерства соодветни од областа на проектите и тоа:
-Министерството за култура и туризам;
-Министерството за транспорт;
-Министерството за социјална политика, демографија и млади;
-Министерството за образование и наука;
-Министерството за животна средина и просторно планирање и
-Министерството за спорт

За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.

Со објавата на повикот, Владата го исполни своето ветување, сега се на потег општините. Како никогаш досега единиците на локалната самоуправа имаат можност да ја унапредат својата инфраструктура и на тој начин директно да влијаат во подобрување на квалитетот на живот на нивните граѓани“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.