Земјите од регионот имаме иста стратешка цел, членство во Европската Унија, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов за време на состанок со делегација од Институтот за локална самоуправа на Косово.

За земјите од регионот заеднички именител е европската перспектива и на тој пат најважно е да покажеме прво внатрешна стабилност и стабилност на регионот. Соработката меѓу земјите, меѓу институциите и меѓу граѓаните е првиот и најважен чекор преку кој ја манифестираме нашата зрелост како регион, додаде тој.

Пенов ја поздрави одлуката на Европскиот парламент за либерализација на визниот режим за косовските граѓани.

-Македонија го отпочна процесот на отворање на преговарачката рамка. Скринингот од страна на Брисел е во тек. Се надеваме на целосно отворање на преговорите, што е услов за политичка, економска и социјална стабилност и за развој на државата, додаде Пенов.

Според него локалната самоуправа секогаш е важна и актуелна тема, зашто е еден од суштинските столбови во градењето на политичкиот систем на државата. Поставеноста на локалната самоуправа има директно влијание на демократизацијата на општеството, на меѓуетничките односи, како и на балансираниот социо-економски развој на државата.

-Како држава целосно сме усогласени со европските стандарди. Сега наша задача е да работиме на подобрување на функционалноста на општините и на градот Скопје преку зајакнување капацитетите и ресурсите. Обезбедување на услови за финансиска стабилност на општините со ангажирање и на централната и на локалните власти и подигнување на квалитетот на услугите. Главен предизвик сега е да ги зајакнеме нашите капацитети, на државата, но и на локалната самоуправа за поголема апсорбција на средствата од ИПА инструментот на Европската Унија, рече Пенов.

Според него регионалната политика на Европската Унија има за цел да се надминат диспаритетите меѓу државите и регионите што е шанса и за нас, за нашиот регион, максимално да ја реализираме поддршката од Европската Унија и да го подобриме квалитетот на живеење, во што улогата на локалната самоуправа е многу важна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.