Со сослушување на оштетениот Христијан Пендиков, секретар на сега згаснатиот бугарски културен клуб во Охрид, денеска во Основниот суд во Охрид продолжи судењето против обвинетите Илија Спасески од Охрид и Борче Ангелов од Битола, кои физички го нападнале на 19 јануари.
Во pрвиот исказ пред судот, Пендиков кажа дека обвинетите му нанале тешки телесни повреди и го навредувале на национална основа дека се чуствувал како Бугарин.
Адвокатот на обвинетиот Димитрија Цобоски по завршување на рочиштето уште еднаш повтори дека во целиот случај е вмешана политика и оти Пендиков непосредно го признал постоењето на македонскиот јазик, на кој говорел во судницата. Тој тврди дека не се работи за напад поради национално чувство, за што се товари неговиот клиент, бидејќи неговото семејство добило орден од бугарски министер за надворешни работи за укажана помош при спасување на бугарските државјани во бродската несреќа во Охрид.
– Денеска конечно го сослушавме оштетениот и мило ми е што и тој на непосреден начин го призна постоењето на македонскиот јаизк бидејќи зборува на македонски јазик. Сфативте дека во целата работа е замешана политиката, бидејќи со претстедателски авион на Република Бугарија некој да се земе од една држава и да се носи во друга држава е нон сенс, не забележано. Но, ако добро ме следевте најверојатно ако имало, а не е спорно дека имало некој напад, кој го направил тоа. По мене мотивот е сосема друг, а не припадност на нација, признавање на статус на народи и така натаму, изјави Цобоски.
Тој најави дека ќе приложи дополнителни докази за, како што рече, работите да станат многу појасни.
На новинарско прашање дали во полицискиот записник биле наведени сосема други лица, Цобоски потенцира дека во записникот за извршено обезбедување при увидот на лице место стоеле уште две лица, кои немаат врска со второобвинетиот.
– Друга работа е многу поинтересна во целиот овој настан. На сведок му се предочува пред да биде сослушан и тоа сметам од страна на медиуми или неговиот полномошник, запис кој во никој случај не смеел да се изведе како прв доказ. Со тој доказ на тој што покасно треба да сведочи за тие факти му се отвараат картите и му се дава како на тацна целиот настан. Тој може да манипулира со тоа што рекол или не рекол. И ако ја гледате неговата изјава за овој настан даден на бугарска телевија ќе видите дека тој воопшто не знае ни што било ни како било, бидејќи бил удрен одзади ништо незнае, а сега буквално се му е познато, рече Цобоски.
Застапникот на оштетениот, адвокатот Стефан Камишевски кажа дека судењето почнало одново поради подолг проток на време. Тој смета дека исказот на Пендиков ги опфатил сите аспекти од критичната вечер.
– Сметам дека неговиот исказ ги опфати сите факти и сите аспекти кои се случиле на критичната вечер при случување на кривично правниот настан. Сега останува да видиме какви искази ќе дадат и сведоците, обвинетите и како одбраната ќе постапува понатаму и на крај судот е тој што треба да одлучи, изјави Камишевски.
Тој ги демантира наодите на одбраната дека не се работи за напад поради национални чувства, бидејќи не биле поткрепени со докази.
Пендиков беше нападнат на 19 јануари во угостителски објект на Кејот на Охридското Езеро. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, Пендиков доби и бугарско државјанство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.