Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на промоцијата на проектот „Иднината почнува дома“, иницијатива на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Стопанската Комора која има за цел да поддржи индивидуалци кои се истакнуваат во своите области на делување, прават позитивна разлика и работат посветено како важни делови од обликувањето на иднината на нашата држава.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Секогаш ми било пријатно чувството кога го делам подиумот со млади и амбициозни луѓе, подготвени да направат позитивна промена во општеството. Посебно сум задоволен што сум сведок на создавањето на една нова иницијатива која има потенцијал, на долг рок да влијае врз обликувањето на иднината на младите кај нас.
Вашето мото „Двигатели на промени“, е совршен спој на младешката енергија и креативност и мудроста на повозрасните и поискусните, што е добитна комбинација за заеднички успех.
Денес, во време на неверојатен технолошки развој во светот, промените се единствената константа, а потребна е храброст да се прифатат новите концепти и макотрпна работа тие да се имплементираат. Овде, меѓу нас има поискусни луѓе од кои младите, идни претприемачи имаат што да научат. Во ТИРЗ имаме и странски компании кои инвестираат и имплементираат најнови технологии.
Но, нејсе, денес сум овде, за јас да зборувам помалку, а да слушам повеќе и пред се, да научам од вас младите, кои се одважуваат не само да зборуваат за предизвиците со кои се соочуваме, туку, нудат и идеи и решенија. За тоа е потребен поинаков, таканаречен out of box пристап, и исто така што е многу важно, дистанцирање од нашето секојдневие кое е преполно со дефетизам и дневна политика.
Ако зборуваме реално, од младите, не очекуваме ништо помалку од решителност и пркос кои треба да ги демонстрирате секојдневно, како контраст на општествената апатија, ендемската корупција и клиентелизмот како лоши симболи на нашето општество.
Можностите за успех и развој на вашиот потенцијал мора да обезбедиме да ги имате, најпрво, дома. Вие сте и потребни на државата, но, државата и реалниот сектор мора да ви овозможат најдобри услови за вашите кариери навистина да ги градите тука. Ако Вашата иднина ја градите тука, тоа ќе биде важно за државата, за локалната заедница од која сте дел, но, и за вашите родители и најблиски. Тоа е и моја надеж како родител.
Го охрабрувам секој од вас да биде активен учесник во оваа иницијатива. Прифатете ја можноста да бидете двигател на промени, да придонесете за напредок на земјата и самите да ја обликувате сопствената иднина. Заедно, низ партнерски однос и соработка, добрите резултати ќе бидат неминовни.
Дозволете ми уште еднаш да им се заблагодарам на сите вклучени во организирањето на овој настан и самата иницијатива. Честитки за напорната работа, соработката и посветеноста на младите вклучени во оваа иницијатива, честитки за ТИРЗ и за Стопанската комора. Ова нека биде мотив и инспирација за останатите фактори и генерациите што доаѓаат затоа што иднината почнува дома.
Да немате никаква дилема, на тој пат ќе ја имате мојата безрезервна поддршка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.