Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција “, којашто се одржа во соработка со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан, а во пресрет на претстојниот 28. Самит за климатски промени.
Претседателот Пендаровски истакна дека на глобално ниво, со намалено темпо се преземаат обврски за борба против климатски промени. Осврнувајќи се на влијанието на руската инвазија врз Украина врз европскиот континент, врз пазарите на храна и енергенси, претседателот Пендаровски посочи дека потрошувачката на енергија се зголемува токму од изворите кои се најголеми загадувачи. Што се однесува на регионот на Западен Балкан, додаде тој, како ресурс значително се користи јаглен.
Во пресрет на Конференцијата за климатски промени – КОП28 каде претседателот ќе ја предводи државната делегација, тој истакна дека и на вакви мултилатерални настани, многу малку се слуша гласот на малите држави.
Ако големите држави решат да не ги почитуваат параметрите кои ги потпишале, или да не ги имплементираат на време поради одредена причина, најчесто ја наведуваат војната во Украина, тогаш на нас помалите ни останува да бидеме само гласни. Ние ќе бидеме гласни и овој пат“, рече претседателот Пендаровски во дискусијата.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски го посочи Фондот за борба против климатските промени којшто е инициран на конференциите за климатски промени, а кој треба да вреди 100 милијарди долари. Во него, како што посочи претседателот Пендаровски треба да донираат богатите држави, а средствата потоа да ги користат помалку развиените земји. Но засега, истакна претседателот Пендаровски, тој фонд не е пополнет ниту до половина.
Во оваа насока, претседателот Пендаровски истакна дека многу малку држави ги достигнуваат националните цели кои самите ги декларираат и објавуваат. Затоа, дополни тој, граѓанскиот сектор не само во земјава, туку и пошироко, треба и мора да продолжи да ги критикува и притиска националните влади за поголем придонес и помало загадување.
На дискусијата се обрати и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан.
За нас во УНДП, младите луѓе се важен дел од климатската акција. Иако тие се недоволно претставени во процесите на носење одлуки, сепак, како што видовме во повеќе случаи минатите години – знаењето, енергијата и упорноста на младите луѓе предизвика глобално движење кое се бори за храбри климатски мерки, а младите станаа предводници на важни иницијативи. Затоа сакам да ви ја ветам нашата поддршка за вашата посветеност со справување со климатската криза и да ви кажам дека ние сме со вас во овој заеднички потфат. Ги ставаме на располагање нашите ресурси, експертиза и соработка бидејќи ја препознаваме моќта на вашите иницијативите и влијанието што тие можат да го имаат врз обликувањето на иднината“ истакна Григорјан.
Во денешната дискусија учествуваа претставници од неколку граѓански организации и иницијативи, „На точак“, Сојузот на извидници, Македонското еколошко друштво, „Биди зелен“, „Еко-свест“, Националниот младински совет и „Милиеуконтакт Македонија“. Активистите ги акцентираа прашањата поврзани со климатските предизвици, ги презентираа своите тековни активности и претставија идеи и можни решенија со цел заедничко дејствување против климатските промени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.