Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Анџела Прајс Агелер.
Во продолжение се интегралните обраќања на претседателот Пендаровски и амбасадорката Агелер од церемонијата на предавање на акредитивните писма, а во прилог се верзии од обраќањата на англиски јазик.
Имам исклучително задоволство и чест да ги примам акредитивните писма од Неговата Екселенција, почитуваниот Џозеф Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави, со кои Вие сте именувана за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.
Дозволете ми најнапред срдечно да Ве поздравам, да Ви посакам искрено добредојде во нашата земја и, воедно, да Ви посакам многу успех во вршењето на Вашата одговорна функција.
Фактот дека ова не е Ваш прв дипломатски престој во Скопје и дека сте одличен познавач на состојбите во нашата земја, претставува значајна претпоставка за натамошно збогатувањето на билатералните односи.
Бидете уверени дека, во вршењето на Вашите дипломатски должности, ќе ја уживате мојата поддршка и поддршката на целиот мој тим.
Почитувана амбасадорке,
Во оваа прилика, би сакал да истакнам дека Република Македонија во континуитет посветува посебно внимание на развојот на пријателските односи и билатералната соработка со Соединетите Американски Држави, кои ги сметаме за голем пријател, значаен економски партнер и искрен поддржувач во најтешките моменти уште од нашата независност.
Впрочем, постојаното унапредување на нашите односи е надворешно политичка аксиома, која е приоритет на сите релевантни политички фактори во Македонија. Посебно ме радува фактот што во изминатиот период билатералните односи меѓу нашите држави ги градиме и унапредуваме како сојузници во НАТО Алијансата, споделувајќи ги заедничките вредности на демократијата, слободата и човековите права, како и заложбите за меѓународен поредок базиран врз правила. Во контекст на последните геополитички предизвици и руската воена агресија врз Украина, дозволете да констатирам дека нашето цврсто пријателство добива уште повеќе на значење и истото претставува гаранција за стабилноста и просперитетот на мојата држава и регионот на Западниот Балкан, во целина.
Ваша Екселенцијо,
Неколку години наназад политичкиот дијалог меѓу двете држави постојано се интензивира и се одвива на повеќе нивоа. Посебно задоволство претставува фактот што оваа година го започнавме Стратешкиот дијалог, како прва земја од Западниот Балкан. На тој дијалог гледаме како на заеднички интерес за конкретизирање на нашата соработка во сите сфери од заемен интерес. Подготвени сме за сеопфатно кревање на нивото на односи и уште поголема координација и соработка во сферите на економијата, одбраната, безбедноста, инвестициите, образованието, културата, науката и животната средина.
Би сакал да истакнам дека, посебен квалитет во нашите односи сите овие години дава и многубројната македонска дијаспора во Вашата земја, која, освен мост на пријателство меѓу нашите народи, претставува и сериозен потенцијал за развој на економските врски.
Почитувана амбасадорке,
Ја користам приликата да искажам благодарност и за досегашната поддршка на Соединетите Американски Држави за започнување на пристапните преговори на Македонија за членство во Европската Унија. Таквата поддршка претставува значајно охрабрување за продолжување и интензивирање на реформскиот процес и за натамошна демократизација на нашето општество.
Длабоко сум уверен дека имено реформите во клучните сфери: владеењето на правото и борбата со високата корупција, негувањето на културата на одговорност, транспарентноста и функционалноста на институциите, треба да го одредат натамошниот развој на македонската демократија и конечното членство во Европската Унија.
На тој пат, анахроните теми и дискусии за идентитети и наметнати историски вистини претставуваат сериозна пречка која има потенцијал да го закочи нашиот интегративен пат и, со самото тоа, да го држи целиот регион во неизвесност, а тоа генерира нестабилност. Всушност, започнатиот дијалог во рамките на Самитот за демократија, под водство на претседателот Бајден, е најдобриот показател кон какви цели треба да се стремат демократските држави во меѓусебните односи.
Поаѓајќи од оваа констатација, уверен сум дека поддршката од Вашингтон ќе продолжи и во периодот што претстои, со очекување за уште посилно вклучување на Соединетите Американски Држави, како гарант за мирот, стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан, во светло на видливите последици на Континентот од руската воена агресија врз Украина.
Ваша Екселенцијо,
Би сакал да ја искористам оваа можност и да Ве замолам да ги пренесете моите срдечни поздрави до Неговата Екселенција, претседателот на Соединетите Американски Држави, почитуваниот г. Џозеф Бајден, со желба за негово добро здравје и успех во извршувањето на неговата исклучително важна улога во зачувувањето на мирот и безбедноста во светот.
На крајот, уште еднаш, Ви посакувам пријатен престој во пријателска Република Македонија, многу успех во извршувањето на Вашата одговорна дипломатска мисија, како и добро здравје и просперитет за Вас и Вашите најблиски.
Интегрален текст од обраќањето на амбасадорката Анџела Прајс Агелер
Претседателе Пендаровски,
Ви благодарам за срдечното добредојде во Вила Водно денес. Голема чест ми претставува да ви го предададам моето акредитивно писмо од Претседателот Бајден. Горда сум што го претставувам Претседателот и американскиот народ како Амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија. Како што мислам дека знаете господине Претседател, имав голема привилегија да служам тука, во оваа прекрасна земја, чијашто култура, луѓе, јазици и историја ги засакав.
Во периодот, откако последен пат бев тука, Македонија се соочи со големи предизвици и донесе тешки одлуки, одлуки што ја поместија земјата понапред на патот на евроатлантските интеграции. Оваа земја го промени своето име за да стане 30-тата членка на НАТО Алијансата – нашиот најнов сојузник. Ги отвори пристапните преговори за членство во Европската Унија, зацврстувајќи ја својата позиција како лидер во градењето на безбедноста и просперитетот на Западен Балкан. Вашето претстојно претседавање со ОБСЕ во 2023, ја покажува клучната улога што земјата ја игра за иднината на Европа.
Иднината е навистина светла, и покрај тоа што земјата се соочува со стари и со нови предизвици. Господине Претседател, денес сум овде да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици. Соединетите Американски Држави, Амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици. Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани.
Европа се соочува со најголемата закана, каква не е видена со генерации, а Македонија, како сигурен, активен сојузник во НАТО, придонесува за безбедноста и стабилноста во Европа. Повеќе од 30 години работиме заедно за да го обезбедиме заслуженото место на Македонија во поголемата европска заедница, преку поддржување на основните вредности на една просперитетна демократија – почитување на владеење на правото, еднакви можности за правда, економски раст и лично изразување, како и преку посветеност кон постигнувањето на овие цели отворено и транспарентно.
Македонија се соочува со предизвици во темелите на сите овие столбови. Како што вие продолжувате да одите напред, така Соединетите Држави ќе бидат тука како партнер, сојузник и пријател, негувајќи односи, што ќе стануваат се посилни, подлабоки и попродуктивни.
Господине Претседател, чест ми е денес да го предадам моето акредитивно писмо. Со нетрпение очекувам да започнам со работа и многу сум благодарна за вашето љубезно добредојде и вашата поддршка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.