Ниту еден од најкрупните случаи на СЈО, осум години од неговото формирање до денес, не се завршени, а сега велат, ќе застарат бидејќи се намалуваат и роковите за застареност кои се врзани со најголемата запретена казна. Па, што правевте досега осум години, зошто не се осудени, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во емисијата „Трилинг“, нагласувајќи дека за „крахот на правосудниот систем“ се виновни оние кои „работат таму и кои не работат според закон“ и оние кои „се подложни на влијание од политички или економски центри на моќ“.
Една од најчестите критики од Брисел и од судот во Стразбур, според Пендаровски, е што земјата најчесто не суди во правичен рок.
– Да ја видиме реалноста во очи. СЈО е направено септември 2015 година, до денеска осум години. Последните три години сите предмети на тогашното СЈО се префлија во редовните обвинителства. Осум години ние имаме прилично беден рекорд, запис на крајот на сите тие предмети. Колкумина од нив се осудени, клучните работи кои ги споменуваме, провизии кои се барани, не се докажани. Осум години се малку, па колку, да ги оставиме уште 28 години да судат, посочува Пендаровски.
Во однос на измените на Кривичниот законик и зошто токму сега се носат, Пендаровски вели дека не се работи за неказнивост, бидејќи, како што појасни, не се укинува тој член, туку се намалуваат казните, но и понатаму има казни за тие дела.
– Не станува збор за неказнивост. Ако зборуваме за клучниот став кој е модификуван во 353 „злоупотреба на службена положба“. Во 4 од 5 става досега имаше пропишано казни, а и понатаму пропишано казни. Неказнивост е ако се брише, тоа се декриминализира. Се вели: „По тој и тој член никој веќе нема да одговора, тој член нема да постои“. Значи наместо 10, една запретена казна е сега 5 години, наместо 5 сега е 4 години, значи не станува збор за неказнивост. Петтиот став кој е избришан бидејќи беше прилично широко поставен и досега имаме исклучително мал број докажани случаи, петтиот став досега бараше две работи да се докажат: прво дека си ја злоупотребил положбата функционер, политичар со тоа што си прибавил имотна корист за себе и со тоа си го оштетил буџетот или трета страна, појасни Пендаровски.
На прашањето „зошто си избра овој тајминг и зошто вака експресно се донесе овој закон“ претседателот Пендаровски вели дека го потпишал указот само затоа што му е донесено на маса како текст на законот, велејќи дека „не ги знае мотивите зошто токму сега се носат измените во Кривичниот законик“.
Во однос на наводите дека власта се штити со носењето на ваквите измени, Пендаровски посочи дека тоа ќе било случај ако целосно се избришел членот 353.
– Ако кажевме имаше десет или пет години по одредени ставови, сега е нула, не постои. Тогаш би рекле дека е амнестија и за идни дела. Тоа постои, намалени се казните и олеснета е проширената конфискација, изјави Пендаровкси.
Пендаровски вели дека низ „политичката чаршија“ со месеци кружело дека ќе го амнестира Груевски, но тоа се шпекулации и никогаш нема да го направи.
– Ако ги слушам шпекулациите од нашата политичка чаршија, но да бидам и поексплицитен, на едно неформално ниво од пред седум-осум месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност и што мислам за таа можност. Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било уривање на правната држава, изјави Пендаровски.
Таков тип на милосрдие, според Пендаровски стои во Уставот, но тој не мислам дека е „султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудува и решава“.
– Има судски постапки. Низ судски постапки, за мерцедесот се докажа, мислам дека и за шамарите во Центар се докажаа пресудите. На што би личело јас од оваа позиција тука да кажувам. Тоа не би го направил за мој најблизок роднина, а не пак за било кој друг политичар, изјави Пендаровски.
Прашан дали потпишувањето на измените на Кривичниот законик се во насока за поддршка за втор мандат, Пендаровски одговори дека мотивацијата ја кажал претходно.
– Ако некој мисли дека во петтата година од својот мандат со потпишување или непотпишување на еден единствен закон ќе добие политичка поддршка од некои битни политички чинители во актуелната влада за евентуален втор мандат, тој не разбира ништо од политика, изјави Пендаровски.
За Законот за амнестија, Пендаровски рече се работи повеќе месеци, а примарниот мотив е да се ослободат оние кои имаат пред се до шест месеци казна затвор и да се намали затворската популација, што според сите извештаи на Советот на Европа е преголема
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.