Претседателот Стево Пендаровски, денеска во рамки на официјалната посета на Чешката Република, заедно со чешкиот претседателПетр Павел одржаа прес-конференција, на која претходеше тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и чешката делегација.

Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски.

Ви благодарам за поканата и за укажаното гостопримство. Ми претставува особена чест што престојувам во прва официјална посета на Чешката Република и во оваа прилика дозволете и лично да ви честитам за изборот за Претседател.

Ова е наша прва средба како претседатели на две држави кои повеќе од три децении градат блиски и пријателски билатерални односи.

Нашите народи ги врзуваат силни историски и културни врски низ вековите и јас уверен сум дека Вие, во Вашиот мандат, ќе продолжите да работите за унапредување на нашето пријателство.

Со години наназад, Чешка е наш значаен и докажан партнер во Обединетите Нации, во ОБСЕ, а последниве три години и во НАТО Алијансата.

Сакам посебно да потенцирам дека Чешка беше меѓу првите земји кои во услови на крајно сложени политичко-безбедносни состојбикакви што беа мигрантската криза и пандемијата со Ковид-19, од првите моменти ни пружи конкретна поддршката и помош.

Она пак што особено го цениме е недвосмислената и отворена поддршка на македонските евро-интеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел, имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во Европската Унија.

Во тој контекст, сакам да се заблагодарам за вашиот минатогодишен ангажман како претседавачи со Советот на Унијата, но, и за сите напори што ги вложувате како дел од Вишеградската група, кои се од особен интерес за нас заради успешниот модел на регионална соработка.

Со претседателот Павел сме согласни дека стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, како и неговиот демократски развој, зависат од неговата европска перспектива, што е причина повеќе Европската Унија да го зголеми своето присуство во нашиот регион за да го задржи кредибилитетот на процесот на проширување.

На нашата денешна средба размениме мислења, не само за внатрешно- политичките состојби во двете земји, туку и за актуелните предизвици со кои се соочува Европа. Во тие рамки, разговаравме за руската инвазија врз Украина, за нашата соработка во НАТО алијансата, како и за активностите кои ние како претседавачи со ОБСЕ ги преземаме во функција на севкупната европска безбедност.

Покрај соработката на меѓународен план и одличните политички односи, со особено задоволство констатиравме дека во последните 6, 7 години имаме постојан прогрес на економски план и пораст на трговската размена. Затоа е императив да продолжиме со иницијативи со кои ќе ја унапредуваме нашата договорна рамка која служи како платформа која овозможува уште подобра соработка меѓу чешките и македонските стопанственици. Во оваа прилика посебно сакам да ја поздравам иницијативата за формирање на Македонско-чешка бизнис асоцијација.

Нашите очекувања се дека енергетскиот сектор, транспортната инфраструктура, ИТ секторот,  земјоделството, прехранбената индустрија, како и заштитата на животната средина, во иднина треба да бидат наш заеднички приоритет, како области во кои имаме широки потенцијали за интензивирање на соработката.

Почитуван претседателе,

Уште еднаш ви благодарам за конструктивните разговори и за топлиот и пријателски пречек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.