Македонци во Детроит се собраа денес да му оддадат почит на Смиле Војданов, илинденски војвода, на 150 годишнината од неговото раѓање.

Војданов, кој се родил во Лактиње, охридско, во 1872 година, учествувал во востанието како војвода на охридска чета и како истакнат организатор на ВМРО. По задушувањето на востанието, Војданов бил еден од водечките организатори на Македонците во Северна Америка.

Во неговата куќа во градот Понтијак, во близината на Детроит во државата Мичиген, во 1929 година е создадено првото независно македонско друштво. По создавањето на повеќе вакви друштва во различни градови на САД, во март 1930 во градот Толедо, Охајо, била одржана Првата конференција на македонските независни друштва на која Смиле Војданов е избран за Претседател на средишното раководно тело.

На Првиот редовен конгрес за обединување на друштвата, во 1931 во Гери, Индијана, Смиле Војданов е избран за претседател на новосоздадениот Македонски Народен Сојуз. По Втората светска војна го поздравува создавањето на македонската држава и организира испраќање на добротворна помош за татковината. Војданов е еден од иницијаторите и донаторите за изградба на Медицинскиот клинички центар во Скопје.

Починал на 4 март 1958 година и погребан е на гробиштата Пери Маунт Парк во Понтијак, САД.

– Ако Македонците овде во САД сакаат автентично да го прикажат ликот и делото на големиот македонски деец Смиле Војданов тогаш не постои подобро место и не постои подобра паралела, а можеби и пророчка коинциденција, освен онаа со Обвандијак односно Понтијак, индијанскиот поглавица на племето Отава по кој овој град го носи името. Поглавицата Понтијак беше водач и бранител на својата земја во големото и неуспешно востание од 1763 година, исто онака како што Смиле Војданов век и половина подоцна учествуваше во едно исто така неуспешно, но многу храбро и историско, македонско Илинденско востание од 1903 година за ослободување на Македонија. За жал, на Смиле Војданов не му било судено гробот да му биде во Македонија, земјата во која се роди и за која се бореше.

Тој е тука во САД, неговата втора татковина, кадешто почива во мир, и мошне заслужената почит, изјави Ана Дукоска, активистка на здружението „Заборавени Македонци“. На одбележувањето присуствуваа и активистот Гоце Панговски, кој укажа дека активизмот на Војданов пред американски власти, како што е меморандумот поднесен од претседателот Френклин Рузвелт во февруари 1945 година, во кој се бара поддршка за реализирање на „желбата и борбата на македонскиот народ за самоопределување и национална независност“. – Образложувајќи ја историската димензија на македонската борба за слобода и независност, Војданов го споменува својот врсник Гоце Делчев и вели: „

Борбата беше водена од ВМРО, формирана во Солун во 1893 година и оваа организација беше вистинска национална сила, предводена од страна на Гоце Делчев“, изјави Панговски. Меѓу говорниците беа и потомците на Смиле Војданов, сестрите Џин Војданова – Јустинг и Џуди Војданова, кои се ќерки на неговиот најмал син Илија Војданов, и неговиот внук Даниел Војданов. Протојереј Драган Јорданов од црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ од Стерлинг Хајтс отслужи панихида во спомен на илинденскиот војвода.

Во чест на Смиле Војданов, здружението „Заборавени Македонци“ издаде 150 колекционерски пликови со неговиот лик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.