На терените на спортскиот комплекс „МТП“, Специјална олимпијада Македонија денеска организира Отворен ден. На настанот ќе биде претставена работата на организацијата и улогата и моќта на спортот во трансформирањето на животите на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.

Со Отворениот ден, сакаме да покажеме дека лицата со интелектуална попреченост имаат неверојатен потенцијал. Спортот може да им помогне да ги развијат своите способности, да стекнат самодоверба и да се чувствуваат вклучени во заедницата. Се надеваме дека овој настан ќе биде поттик за повеќе семејства да ни се приклучат во создавање поинклузивно општество, изјави Моника Бошкоска, претседателка на Специјална Олимпијада Македонија.

Како дел од Отворениот ден, присутните ќе имаат можност да се сретнат со атлетите и членовите од СО Македонија и од прва рака да дознаат за активностите кои ги реализира Специјалната Олимпијада.

Преку реализација на Отворениот ден, Специјална олимпијада Македонија ги охрабрува семејствата со членови со интелектуална попреченост, да ги поддржат своите најблиски да се приклучат на настанот и преку нивно учество во спортските активности да го поттикнат нивното поактивно вклучување во општеството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.